Започнува изградбата на првата кула кај „Холидеј ин“

кули холидеј ин
Фото: Фејсбук

На просторот спроти „Холидеј ин“ започнува изградбата на едната од трите кули, проект што подолго време предизвикува голем интерес и реакции кај јавноста. Фирмата „МГ Фешн“ информира дека денеска започнува реализацијата на првата фаза на комплексот „Гранд“ во Скопје, предвиден за изградба на градежната Парцела 1.1 во рамките на ДУП Ц08 за Ново Маало на територијата на Општина Центар.

Во оваа прва фаза, согласно добиеното одобрение за градба во април годинава,  ќе се гради станбено-деловниот објект  со три нивоа под земја, приземје, плус дваесет ката и поткровје.

Објектот ќе биде изграден согласно највисоките архитектонски стандарди и нормативи за градење на енергетски ефикасни објекти кои имаат минимално влијание врз животната средина. Подземните нивоа се наменети за паркирање на возила, приземјето и првиот кат се со деловна намена, додека останатите катови се станбени единици со различна големина. Објектот е дизајниран да овозможи максимален комфор на идните корисници на станбените единици како и целосно искористување на природната светлина и визури, како кон реката Вардар, така и кон планината Водно– информираат од „МГ Фешн“  .

Оттаму додаваат дека во рамките на ДУП Ц08 предвидена е и јавна површина од вкупно 7.500 м2 или приближно површина колку плоштадот „Македонија“ за која тие планираат да се уреди на современ начин, налик на урбаните паркови во светските метрополи, како на пример оној на „Porta Nuova“ во Милано, за кое идејно решение ќе предложат да биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар.

„МГ Фешн“како општествено одговорна компанија, на свој трошок, ќе ги обесштети сите жители на Ново Маало кои имаат имот на овој простор, без разлика што на истиот не е предвидена никаква изградба на градежен објект, и тоа на ист начин и во ист сооднос како и на жителите на Ново Маало на чии имот е предвидена изградба на објекти – соопштуваат од компанијата.

Станува збор за обесштетување на повеќе од 300 жители кои сè уште опстојуваат таму како староседелци во центарот на Скопје и кои повеќе од седум децении живеат во супстандардни услови, без фекална и атмосферска канализација, во објекти изградени кон крајот на 19-ти или почетокот на 20-ти век, а притоа со децении имале забрана за каква било реконструкција, доградба или изградба на нивните домови.

Воедно, МГ ФЕШН ДОО Скопје ги повикува сите жители на Ново Маало кои имаат имот на територијата на ДУП Ц08, а со кои досега не се склучени договори за обесштетување, без разлика дали на нивниот имот е предвидена изградба на објекти или јавен простор, да ги контактираат за склучување договори за обесштетување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот