Здружение ЕСЕ: Да се зголемат средствата за програмите за скрининг на рак на грло на матка и на дојка

Фото: zdravstvo.gov.mk

Иако постојат програми за рано откривање на рак на грло на матка и рак на дојка, податоците од нивното спроведување покажуваат дека во државава реално нема сеопфатен и организиран скрининг за овие малигни заболувања. Со средствата што Министерството за здравство (МЗ) ги одвојува за програмата за скрининг на рак на грло на матка се предвидува опфат само на околу 30 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години, а во 2019 година е намален буџетот на оваа програма за 2,8 милиони денари, соопшти Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Поради недостиг на матични гинеколози, посочуваат од Здружението, само 60 отсто од жените имаат избрано матичен гинеколог, а поради тоа само 28 отсто од жените се опфатени со оваа програма за период од шест години (2012 – 2018 година).

Според Здружението, состојбата е понеповолна меѓу жените Ромки, бидејќи само 9,5 отсто од нив се опфатени со оваа програма во периодот од 2012 до 2018 година.

Преку програмата за скрининг на рак на дојка, во 2019 година биле опфатени само 0,7 отсто од жените на возраст од 50 до 69 години. Само четири од 270 анкетирани жени Ромки од Шуто Оризари биле поканети на преглед на дојки од 2015 до 2019 година. Програмите за скрининг на рак на грлото на матка и рак на дојка се од особено значење за здравјето на жените, бидејќи навременото откривање на овие карциноми овозможува навремено и соодветно лекување.

За споредба во европските држави, опфатот на жените со овие програми е над 75 отсто. Поради тоа МЗ е потребно веднаш да ги зголеми финансиските средства за овие програми, да ги овозможи сите услови и да обезбеди соодветна координација за нивно доследно спроведување.

Секоја година на 4 февруари се одбележува Светскиот ден за борба против карцином. Мотото на кампањата за 2021 година е „Together, all our actions matter” („Заедно, секоја наша акција е важна”). Целта на Светскиот ден за борба против карцином е да се изврши притисок врз владите и поединците во целиот свет да преземат акции против оваа болест, со цел да се постигне свет без карциноми, додаваат од Здружението ЕСЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот