Здравствениот инспекторат го излажа „Слободен печат“ дека немал претставки за ботокс од пациентки – дојдовме до една алармантна претставка
Државниот здравствен инспекторат во петокот на прашањето на „Слободен печат“ дали добиле претставки од жени во Македонија за компликации после аплицирање ботокс и филер, одговори дека не добиле. Нашата редакција го пренесе таквиот одговор до јавноста, но веќе наредниот ден доби и претставка со алармантни наводи упатена токму до овој инспекторат, а која датира од 9 февруари 2026 година.
Препорачано
Пациентката чиј идентитет ѝ е познат на нашата редакција, а исто така познат им е и на ДСЗИ, две години трагала по причините зошто целиот нејзин живот се променил откако ѝ бил аплициран козметички ботокс во Скопје во приватна здравствена установа. На ДСЗИ им се обратила затоа што жената што ја боцкала со ботокс, на Инстаграм се претставувала како докторка, но во реалноста, по проверките во Лекарската комора, пациентката добила одговор дека лице со тоа име и презиме не фигурира во регистарот на издадени лиценци.
-Од тој ден, откако ми аплицираше ботокс, мојот живот целосно се промени сведочи за „Слободен печат“ пациентката.
Потоа докторката ги отстранила од својот профил на Инстаграм креденцијалите „доктор“. Апликацијата на ботоксот била во 2024 година, но претставката до ДСЗИ е на 9 февруари 2026 година, зашто жената со која контактираше „Слободен печат“ две години одела по специјалисти, во Македонија и во странство, зашто состојбата не ѝ се подобрувала.
Пациентката во претставката до ДСЗИ од 9 февруари годинава, наведува дека не може да биде сосема сигурна дека компликациите што ѝ се настанати се последица на третманот со козметичкиот ботокс, но дека влошувањето на нејзиното здравје почнало непосредно по апликацијата на ботоксот, уште додека била на пултот за плаќање во установата. Веднаш по боцкањето, во временски период од неколку минути, тврди таа за „Слободен печат“ – загубила рамнотежа, телото ѝ станало тешко, пулсот многу забрзан, а на допир слаб, се чувствувала како да ќе умре, дека не може да дише, ја облила студена пот и се тресела.
-Веднаш зедов две чоколатца, седнав кај нив во ходник и реков „луѓе, не сум добро, не сум добро“. Не поминуваше. Педесет минути седев таму, не викнаа итна помош. Не дојде доктор, никој не ми измери параметри. Си отидов не знаејќи што беше тоа. Се отепав од гуглање, читав статии, групи за ботокс. Мислев дека беше паничен напад, толку знаев. Таман тргнав да читам, клопчето ми се одмота, вели таа.
Пред самата процедура таа потпишала документ во кој другата страна целосно се оградува од какви било несакани ефекти по процедурата. Но, пациентката е лута затоа што сметала дека ја третира докторка.
Јас без проблем потпишав, бидејќи сметав дека ќе бидам третирана од искусен доктор со диплома, лиценца и останати неопходни дозволи за работа. Притоа ова не беше првпат да примам козметички ботокс (ботулински токсин). Само пет минути после инјектирањето, додека бев во студиото и плаќав, доживеав нешто налик анафилактичен шок. Брза помош не беше повикана, а докторката заедно со уште едно лице, ми се чини сопственичката, ме убедуваа дека оваа реакција е нормална. Притоа, не е. И јас знаев дека не е нормална реакција, меѓутоа бев премногу исплашена да правам било што, само сакав да си одам дома и да бидам со семејството. Намерно си реков себеси дека ова е можеби паничен напад, ништо страшно, иако до тој момент никогаш не сум имала анкзиозни напади, пишува во претставката од пациентката до Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Наредните денови почнала да добива ненадејни остри и чудни вртоглавици и безброј невролошки проблеми, ја изгубила целата енергија и три месеци после тоа, ги поминала лежејќи во кревет.
Имав дотогаш невиден генерален умор, пресинкопа и тахикардија при секоја промена на положбата на телото. Наредните две години ги поминав на кардиолози, невролози, и дијагностицирана сум со пореметување на автономните функции на централниот нервен систем – дисавтономија и POTS синдром. Ниту еден специјалист не потврди со стопроцентна сигурност дека ова е директна последица од процедурата, меѓутоа потврдија возможна поврзаност и не исклучија можност доколку е извршена од невешто лице. Пред процедурата немав никакви проблеми, само две недели пред тоа трчав трка од 10 километри. До моментот на инјектирање јас бев комплетно здрава жена која трча на кеј, планинари, вежба класичен бодибилдинг 6 години по ред и искачи многу македонски врвови. Јас само сакам да знам дали некој управуваше со еден од најопасните и најсмртоносните токсини познати во медицината, без лиценца за работа?, прашала пациентката во ДСЗИ.
По пријавата телефонски ѝ се јавила инспекторка од ДСЗИ да ја праша „дали е сигурна дека таа жена ја боцкала“, бидејќи во установата „не била заведена како пациентка“. Ова за пациентката било многу чудно, затоа што во самите документи во установата, би морало да ја има и нејзината информирана согласност за несаканите ефекти. На инспекторите им пратила и мала клиничка студија според која ботоксот може да доведе до интоксикација и симптоми како нејзините.
Потоа докторката на Инстаграм престанала да се потпишува како докторка. Официјален извештај или решение од извршениот надзор на ДСЗИ, пациентката никогаш не добила.
-Само добив кратка порака од инспекторката дека „имаат вработено двајца дерматолози“, иако со мене и жената што ме боцкаше во просторијата немаше никој друг. Ѝ се обраќав со „докторке“, носеше бел мантил, дури имам и пораки со неа од профилот на „Инстаграм“ каде зборуваме за дозата ботокс што ми ја аплицираше, вели пациентката за „Слободен печат“.
Од каде им е ботокс на фризерки и козметичарки?
Во Македонија ботокс боцка кој ќе стигне – фризерки, козметичарки, медицински сестри. Инспекциските надзори се неефикасни и следствено на социјалните мрежи се појавуваат нови неверојатни понуди, попусти и промоции, а игли в раце држат и некадарни. Меѓутоа, според експертите од здравствениот сектор со кои разговараше „Слободен печат“ сивата зона може да се сузбие, кога ќе се направи добра, темелна и нелицемерна контрола за тоа како ботоксот, кој во Македонија е регистриран како лек и следствено мора да помине преку МАЛМЕД – завршува во рацете на нестручни лица. Ботокс на црно, тврдат тие, е проблемот.
Во земјава формално-правно кој може да аплицира ботокс, се регулира во Законот за јавно здравје – во членовите 33 и 35.
Правно или физичко лице може да врши работи поврзани со традиционална и комплементарна медицина активности на кожа (користење на солариуми, трајно отстранување на влакна и други активности, за нега и разубавување) или активности со кои се продира во кожата (тетовирање, пирсинг, трајна шминка и акупунктура, употреба и користење на ботокс, нехируршка липосукција и користење на ласер) само ако има дозвола од Министерството за здравство, пишува во член 33 став 1.
Дозволата се издава ако се исполнети условите по однос на простор, опрема и стручен кадар, кои пак се дефинирани во посебен правилник објавен во Службен весник.

Се шверцува и од брендови регистрирани во МАЛМЕД
Минатонеделната координирана акција предводена од Обвинителството за организиран криминал и корупција, откри дека во Македонија ботокс се шверцува дури и со злоупотреба и наштетување на брендот „Диспорт“ на Ипсен, кој инаку е регистриран во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).


Министерството за внатрешни работи објави фотографии од фалсификуваниот ботокс кој бил пронајден при претресите во големата акција за сузбивање на организирана криминална мрежа во која има доктори од Клиниката за дерматологија, од ГОБ „8 Септември“ и од приватни естетски ординации. Овој ботокс кој не се знае што содржи, не бил регистриран во Агенцијата за лекови и медицински средства, но бил администриран на пациентки.
Засега се знае дека големата криминална група од 14 лица, се организирала и извршила увоз во Македонија на фалсификуван ботокс од Србија, Кореа и Турција. Инаку, во Бугарија минатата година имаше скандал со увоз на нерегистриран ботокс од Турција при кој 12 жени завршија хоспитализирани.
Македонската група, фалсификуваните лекови и медицински помагала ги внела во државата со шверцување а во операцијата им помогнал еден цариник. Кривичниот суд им определи мерка ефективен притвор на шестмина осомничени за фалсификуваниот ботокс и филери кои им биле вбризгувани на пациентки во Македонија, на 4 лица им определи мерка куќен притвор а останатите деветмина добија мерки за претпазливост. Пријавените, според МВР, иако биле свесни и знаеле дека набавената стока претставува лек и медицинско помагало согласно Законот за лекови и дека стоката не била увезена согласно пропишаните правила, како и дека за истата не било издадено упатство и декларација со одобрение од МАЛМЕД, истите вршеле естетски корекции, со што предизвикале општа опасност по животот и здравјето на луѓето.

Здруженијата за естетска медицина пред 2 години на прес-конференција набројаа неколку од компликациите што ги санирале на државните клиники во Клинички центар „Мајка Тереза“ – распаднат задник од премногу филери, некроза на носот, паднати очни капаци.
Човечката алчност станува најопасна тогаш кога профитот ќе се стави пред здравјето на луѓето. Да се внесуваат во Македонија нелегално неодобрени и непроверени препарати, а потоа да се инјектираат во телото на човекот, не е само неодговорност, тоа е сериозен ризик по нечие здравје, доверба и достоинство. Во операцијата „Ботокс“ уапсени се 19 луѓе, а поднесена е кривична пријава против 19 физички и 6 правни лица за злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост, неовластена употреба на туѓа фирма, помагање и примање поткуп. Без етика. Без чувство за последиците. Без почит кон човечкиот живот. Никој нема право да заработува на туѓата желба за убавина, оставајќи можност за трајни последици и опасност. Затоа институциите мора да бидат одлучни, а законот доследен. Ќе продолжиме да штитиме таму каде што е најважно, здравјето, достоинството и безбедноста на секој граѓанин, вели директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.
Кривичната пријава ја поднела Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги. Постои основано сомневање дека лицата се инволвирани во извршување на кривичните дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“. Со пријавата се опфатени и шест фирми.
Во текот на 2026 година, со јасна намера за стекнување противправна имотна корист, седуммина осомничени формирале две криминални групи, кон кои подоцна се приклучиле и останатите, користејќи правни лица од Битола и Скопје како параван за незаконските активности. Групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (вклучително и ботокс) од Србија, Кореја и Турција, кои нелегално ги внесувале на територијата на државата, со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица. Дел од осомничените, иако биле целосно свесни дека станува збор за лекови и медицински помагала што не се увезени согласно законските прописи и за кои не постои одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, сепак вршеле естетски интервенции, со што директно го загрозиле здравјето и животот на граѓаните и предизвикале сериозна општа опасност, посочија од ОЈО ГОКК.
Во рамки на истрагата, осомничен е и царински службеник кој двапати примил мито за да овозможи ботоксите и филерите да влезат на македонската граница без да бидат царински контролирани.
Истрагата опфаќа и блиски сродници на дел од осомничените, кои иако знаеле за нелегалните активности, активно учествувале во преземање, складирање и чување на нелегалните лекови и медицински помагала во своите живеалишта, додадоа од ОЈО ГОКК.
При претресите пронајдени и одземени се поголемо количество медицински лекови и медицински помагала, едно луксузно возило, парични средства, парфеми, телефонски апарати и друго.
Повремени заплени на Царина, откриваат големи количини ботокс и филери во куфер
Пред девет месеци, на 7 август 2025 година, Царинската управа на граничниот премин „Деве Баир“ заплени 210 вијали со ботокс од брендовите Dysport и Masport 500, во патна торба на патник што пристигнал од Истанбул. Супстанцијата е под строг режим на увоз и беше запленета.
Летото 2023 година Царинската управа на граничниот премин Деве Баир спречи обид за криумчарење на 300 парчиња филери REVOLAX, во вредност од 9.000 евра, главно наменети за естетика на усни.
-Лицето, инаку косовски државјанин со иницијали А.Г., се обидело да влезе во државата без да ја пријави стоката. На прашањето од царинскиот службеник дали има нешто да пријави истиот одговорил дека нема што да пријави освен личен багаж. При рутинската контрола извршена од страна на царинските службеници во патничкиот куфер и позади задните седишта беа откриени 300 парчиња филери за лице, во најголем дел за усни, чија вредност согласно фактурата која е пронајдена во возилото изнесува 9.000 евра, објави тогаш Царина.
Ботоксот претставува медицински лек и носи огромни ризици по здравјето на луѓето со оглед на својата токсична природа и нестручна употреба доведува до трајни последици и деформитети со трајно нагрдување на пациентот.


