Здрав и вкусен рецепт на Стефанија Несторовска: Јагода-кокос барчиња

Фото: Приватна архива

Ако сте љубител на слатки деликатеси, а барате рецепт за колач што во себе не содржи брашно, тогаш сте на вистинското место.

Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, денеска ни приготви јагода-кокос барчиња (сурови).

Состојки:

За база:

– 1 шолја (135 грама) лешници
– 1 + 1/2 шолја (260 грама) урми

За фил:

– 1 + 1/2 шолја (185 грама) индиски ореви, киснети во вода
– 1 шолја (250 мл) кокосов крем од конзерва
– 10-тина јагоди
– 1/4 шолја (80 грама) агаве сируп
– 1/4 шолја (20 грама) кокосови снегулки

→ Јас користев свежи лешници со лушпа. Ги потпеков во рерна на 180 степени околу 10-ина минути и потоа им ја извадив лушпата. Може да користите и лупен, бел лешник. Потпекувањето е мал, но значаен чекор aко имате време, не го прескокнувајте, дава ептен убав шмек.

→ Индиските ореви потопете ги во врела вода, минимум два часа претходно, или во ладна од вечерта претходно.

→ Кокосовото млеко од конзерва претходно оставете го во фрижидер да стои. Белиот густ дел што ќе се оддели на врвот од конзервата е кокосовиот крем. Ако немате време за тоа, може да го користите и измешано.

→ Јас користев свежи јагоди, но може и со замрзнати, само претходно одмрзнете ги на тивок оган или од вечерта претходно.

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Додајте ги лешниците во блендер или сечко и убаво исетнете ги. Додајте ги и урмите и повторно изблендирајте. Ќе добиете леплива смеса.

На калап за печење леб или калап по избор додадете хартија за печење. Додадете ја базата и со шпатула убаво израмнете. Оставете настрана.

Во блендер додадете ги сите состојки за филот. Блендирајте додека не се добие соединета смеса. Додадете го филот на базата.

Ако додавате топинзи, додајте ги одозгора и оставете во замрзнувач да се зацврсти најмалку два часа.

Исечете на парчиња и уживајте.

Може да стојат во ладилник до пет-шест дена или во замрзнувач до 1-2 месеци. Пред јадење, само оставете ги да се одмрзнат 5-10 минути.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот