Заврши 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ: Македонистиката – научен предизвик за новите странски истражувачи

Фото: МСМЈЛК при УКИМ

Македонистичките научни вистини и македонскиот збор и натаму ќе одекнуваат низ светот, е пораката која ја испратија истражувачите од Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), која во неделата, на 3 септември заврши во Охрид.

-Со нови лингвистички, книжевни и културолошки анализи на делата на Крсте Мисирков и Ацо Шопов, кои веќе ќе бидат референци во меѓународната академска средина. Со важни, нови отворени прашања за македонскиот јазик, литература и култура наспрема другите јазици, литератури и култури, со примена на најсовремени методолошки пристапи. Остварени се и нови контакти, презентирани се идеи за продллабочување на соработката меѓу македонските и странските македонисти, балканисти и слависти, преку кои афирмацијата на македонистиката во меѓународни рамки ќе е уште посилна. И клучно – има нови генерации истражувачи од странство за кои македонистиката е и ќе биде научен предизвик. Со своите презентирани истражувања, тие укажаа: странската македонистичка научна мисла има големи перспективи, соопштија од МСМЈЛК при УКИМ.

Фото: МСМЈЛК при УКИМ

За време на конференцијата, паралелно се одржа работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура, преку сесии за кои беа пријавени околу 70 нови научни трудови. Централните теми на Конференцијата биле делата на великаните Крсте Мисирков и Ацо Шопов, по повод значајните јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи” на Мисирков и 100 години од раѓањето на Шопов.

Во рамките на сесиите и на двете секции се претставија многу значајни нови согледби за делото на Мисирков, кои произлегуваат од нови истражувања на домашните и странските истражувачи, а се од голема важност за македонистичките научни вистини. Многу нови и извонредно интересни истражувања беа презентирани и за творештвото на Шопов, на кое му беа посветени голем дел од рефератите. Меѓу другото, покрај новите проучувања за јазикот на поезијата на Шопов, на Конференцијата, преку одделни истражувања се оствари и навраќање кон некои негови подзаборавени дела, како и кон дела на кои досега не им било посветено научно истражување, додека во исто време значајно се надградија и постојните научни исчитувања за некои сегменти од неговото творештво – се додава во соопштението.

Фото: МСМЈЛК при УКИМ

Исто така, истражувачите преку живи дискусии расправи за поезијата на Шопов, препевите на неговата поезија на други јазици и неговите препеви на југословенски и светски автори на македонски јазик, оствариле обид за научно коригирање на некои претходни залучоци, и клучно – првпат биле презентирани некои проучувања за материјали за Шопов и од странските книжевни архиви.

Фото: МСМЈЛК при УКИМ

Како што и претходно најавија од МСМЈЛК при УКИМ, трудовите презентирани на Конференцијата ќе бидат објавени во зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиов период.

Фото: МСМЈЛК при УКИМ

Конференцијата на МСМЈЛК при УКИМ започна на 1 септември и траеше до 3 септември, а учество земаа истражувачи од Македонија, Кина, Австралија, Шведска, Турција, Австрија, Франција, Полска, Чешка, Унгарија, Русија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Косово. Конференцијата беше дел од националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов” под покровителство на претседателот на државата, а се организираше и со финансиска поддршка од Министерството за култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот