Затворот „Скопје“ реагира: Ова не е логор, мора да им се обезбедат сите права на затворениците

КПУ Затвор Скопје/Фото: МИА

Најпрво укажуваме дека директорот Филип Андов раководи со институција – затвор, а не со логор. Тоа би значело дека сите права кои им следуваат на затворениците мора и им се овозможени, согласно законите и правилниците на затворот, а донесени од законодавецот, Собранието односно Министерството за правда, реагираат од Казнено-поправната установа „Скопје“ по вчерашната прес-конференција на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски кој обвини дека уште еден затвореник избегал од затворот Скопје во Шуто Оризари.

Во соопштението од Затворот „Скопје“ посочуваат дека за конкретниот случај што го споменува Сотилковски, важно е да се спомене дека избеганиот затвореник не прескокнувал ѕидови, кршел врати или некој го пуштил да излезе.

Станува збор за осуденик кој претходно користел слободни викенди и се враќал, лице кое имал примарно однесување и треба да издржи уште 5 месеци казна затвор. Тој обавувал работни обврски во рамките на затворот. Командирот на смена забележал дека го нема при пребројувањето – по што веднаш ја алармирал полицијата и по него се трага. Од страна на затворот е постапено согласно законските рамки. Откако не се појавил во затворот, известена е полицијата која трага по затвореникот. По неговото пронаоѓање, тој ќе биде сместен во друг дел на затворот, бидејќи Правилникот налага, само во случаи кога одреден затвореник ќе ги прекрши правилата – тогаш да му бидат ускратени привилегии/права. КПУ Затвор Скопје е установа од полуотворен вид каде затвор издржуваат примарни осудени лица со казна затвор од 3 години односно повтореници до 1 година. Во тој контекст сите осудени лица користат бројни погодности како што се домашно отсуство, годишни одмори и слободно движење надвор од установата, а се во насока за почести контакти со семејствата, како и други органи како што се Агенција за вработување, Центар за социјални работи, се посочува во соопштението.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ вчера реагираше дека ова повеќе не е случајност, туку системски, ако не и намерни пропусти. Побара оставки и одговорност од директорот на затворот во Шуто Оризари и министерот за правда Никола Тупанчевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот