Зарина Првасевда ќе одржи концерт во Битола

Во Офицерскиот дом во Битола, на 17 декември, во 20 часот, Зарина Првасевда заедно со својот ансамбл ќе го одржи својот концерт насловен „Ехо“.

Во програмата на концертот се 11 традиционални песни од Балканот, спакувани во нови аранжмани, а ќе бидат отпеани на пет јазици – македонски, албански, турски, српски и бугарски јазик.

– Да се пее во Битола пред битолчани е голема чест и задоволство, но се разбира и одговорност. Овојпат публиката ќе ја сретнеме во Офицерскиот дом во Битола, интимно и во ограничен број, и за моја голема радост ќе ни биде блиску, сосема блиску, буквално ќе можеме да си го слушаме срцебиењето едни со други, а тоа ќе ни биде ритамот кој ќе ни биде премин кон емотивното, таму каде не често имаме можност да се среќаваме. Ќе биде вечер на променада на емоции, претпразнично честење на душата со музичка прошетка низ различни култури, меѓусебно подавање рака некаде низ звуците и простор за игра на детето во нас во меѓупросторите на корените и ширината на светот – најавува Зарина Првасевда.

Покрај песните од албумот „Ехо“, кој таа неодамна го издаде за издавачката куќа „Кроација рекордс“, ќе бидат изведени и некои нови песни кои ќе бидат дел од нејзиниот следен албум.

Во ансамблот на Зарина Првасевда ќе настапат Ратко Даутовски – перкусии, Пенче Кралев – бас, Филип Димишковски – клавијатури, Благојче Трајковски – кларинет, Филип Михајловски – канон и Тони Арлан – виолина.

Концертот ќе биде камерен, бројот на публиката е ограничен на 150, а билетите веќе се распродадени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот