Водиелите на годинашното издание на Санремо - Карло Конти и Лаура Паузини / Фото: EPA

Почнува „Санремо“: Италија пет дена ќе живее за музика, гламур и спектакл

Фестивалот во Санремо е еден од најочекуваните музички настани во Италија, вечер за која зборува секое семејство и програма што доминира на телевизиските екрани. Бројките го потврдуваат тоа: минатата година финалето го следеле 13 милиони и 427 илјади гледачи, односно 73 отсто од телевизиската публика. Не случајно, многумина го нарекуваат „полуреално шоу“, бидејќи камерите ги следат реакциите на изведувачите, се раѓаат контроверзии, а одредени моменти стануваат тема на јавни дебати.

Годинашното, 76. издание ќе се одржи од 24 до 28 февруари во театарот „Аристон“, под водство на Карло Конти, кој по петти пат е домаќин и уметнички директор. Соводител на сите пет вечери ќе биде Лаура Паузини.

Во категоријата „Биг“ ќе настапат 30 големи изведувачи со нови, необјавени песни, а четворица млади артисти ќе се натпреваруваат во категоријата „Нови предлози“. Победникот во главната категорија ќе добие право да ја претставува Италија на Евровизија 2026 во Виена, освен ако не се откаже, како што тоа минатата година го направи Оли.

Првата вечер сите 30 изведувачи ќе ги изведат своите песни, а за нив ќе гласа новинарско жири. Јавноста ќе ги дознае петте најдобри, но без конкретен редослед. Како соводител ќе се приклучи турскиот актер Џан Јаман, а специјален гостин ќе биде Тицијано Феро, кој ќе одбележи 25 години од албумот „Rosso Relativo“ и хит-синглот „Xdono“.

Втората и третата вечер ќе донесат по 15 настапи од главната категорија, со гласање преку телевоутинг и радиожири. Во рамки на втората вечер ќе настапат и четворицата нови изведувачи, од кои двајца ќе продолжат понатаму, а победникот ќе биде прогласен третата вечер.

Меѓу гостите се и Ерос Рамацоти и Алиша Кис, додека како соводители ќе се појават и Ирина Шајк, како и други познати личности од италијанската јавна сцена.

Четвртата вечер е резервирана за преработки – сите 30 натпреварувачи ќе изведат стара италијанска или светска песна со гостин-изведувач. Иако резултатот не влијае на конечниот пласман, ќе биде избран победник на вечерта.

Финалето ќе ги обедини гласовите од публиката, телевизиското и радиожирито, како и од прес-собата. Петте најдобри ќе влезат во суперфинале, по што ќе биде избран победникот на Санремо 2026. Специјален гостин на финалната вечер ќе биде Андреа Бочели.

Годинава неизвесност предизвика и прашањето за телевизиските права, откако судот во Лигурија одлучи дека фестивалот не може директно да ги додели правата на државната телевизија РАИ. По конкурсот, единствен пријавен повторно беше токму РАИ.

Фестивалот годинава го нарекуваат и „ќерки“, бидејќи за засилената работа на социјалните мрежи ќе бидат задолжени Аурора Рамацоти, Ана Лу Кастолди и Јоланда Ренга – ќерки на познати италијански имиња.

На сцената повторно ќе настапи и раперот Федез, кој по разводот со инфлуенсерката Кјара Ферањи повторно е во центарот на вниманието. Билетите годинава поскапеа за околу 20 отсто и се движат од 132 до 2.000 евра, во зависност од местото.

ФОТО+ВИДЕО | Лаура Паузини го кажа судбоносното „да“ по 18 години љубовна врска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот