Започна одбележувањето на 60 години Музичка младина на Македонија

Фото МИА

Со концерт на Камерниот ансамбл „Нонет +” што синоќа се одржа во Офицерскиот дом во Битола, започна одбележувањето на 60-годишнината од постоењето на Музичката младина на Македонија.

Младите музичари Дарко Гроздановски, Памела Велкова, Ивана Здравкова, Тамара Охомуш, Верица Ајтовска, Кристина Стојановска, Анеса Зајази, Магдалена Дрмач и Ивона Давидовска, под диригентство на Ангел Спироски, настапија со композиции од Тавенер, Бибер, Перт и Холст.

– Овој настан не навраќа 60 години наназад, каде токму во Битола, млади музичари основаа граѓанска организација која ќе ги застапува нивните идеи и ќе им ги отвора сцените за нивна реализација. Во овие 60 години, Музичка младина на Македонија има околу 10.000 организирани манифестации и концерти, со повеќе од 1.500 уметници како солисти и со над 8.000 учесници и програмски аниматори во различни ансамбли кои ги следеле еден милион посетители. Денес, Музичка младина на Македонија е полноправна членка на Светската федерација на Музичка младина, со развиени форми на меѓународна соработка и можност за учество на млади македонски музичари на околу 200 меѓународни манифестации, истакна Дарко Гроздановски, член на Музичката младина на Македонија.

Со концертот на „Нонет +”, сегашните активисти на Музичка младина се заблагодарија на основоположниците на единствената национална невладина организација што работи со млади музичари, како и на сите кои неуморно работеле на нејзиното опстојување и на континуираното следење на културно-уметничките и на музичките текови.

Музичка младина на Македонија ќе го одбележува јубилејот во текот на целата година со „Подиум на млади – Млад музички албум”, „Слободна Среда”, „Скопје гради музика”, летен музички камп „Етно Македонија” и концерти на камерните оркестри „Саша Николовски-Ѓумар” и „Нонет +”.

Вчерашниот концерт беше поддржан од Општина Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот