Заминуваат рампите од Карпош, паркингот ќе се решава со зонско паркирање
Надлежните служби во неколку наврати излегоа на терен и поставија известувања за самостојно отстранување на рампите од страна на станарите кои ги поставиле – велат од Општина Карпош.
Рампите поставени низ Карпош со кои станарите си обезбедуваа паркинг простор, монтирани со нецелосна документација издадена од Општината, се отстрануваат, со што повторно се ослободуваат јавните површини претходно узурпирани за потребите на станарите од одредени згради.
Препорачано
Неофицијално дознаваме дека станува збор за 50-тина рампи, иако градоначалникот Сотир Лукровски вели дека се 40-тина поставени без потребен елаборат.
Имавме состанок со градскиот инспекторат и со нашиот инспекторат. Донесовме одлука, 40-тина се ми рекоа, деновиве сите ќе се извадат од архива, сите согласности кои не се правно издржани ќе добијат известување за повлекување во рок од осум дена на рампите, па понатаму ќе решаваме врз која основа граѓаните можат да добијат право за поставување рампи – рече Лукровски на седница на Советот на Карпош при крајот на декември.
Тој додаде дека не треба да се дозволи ова вака да продолжи како претходно, да се поставуваат само со согласност на градоначалникот, затоа што тоа не е правно издржано, па затоа сите рампи што се поставени без елаборати ќе добијат известување за повлекување.
Сега дел од тие рампи се тргнати или стојат подигнати, а дел допрва треба да се отстрануваат затоа што жителите веќе добиле известување самите да го сторат тоа.
Минатата недела беше отстранета и рампата на улица Варшавска 19, за која во јавноста се крена најголема врева и од која почна решавањето на проблемот со сите незаконски поставени рампи во општината.
Имено, станарите од старите згради со број 17 и 19 на оваа улица, побарале и добиле согласност од Општината за поставување рампа, но далечинското не го добиле и станарите од новата зграда со број 19-а, со што тие немале оттаму пристап до сопствениот влез. Чувствувајќи се како „заложници“, како што изјавија во нивната реакција до „Слободен печат“, тие случајот го пријавиле и во Општина Карпош и во Инспекторатот на Град Скопје, па се утврдило дека согласноста не е валиден правен документ за поставување рампа.
Рампата на улица Варшавска е отстранета. Рампата ја отстранија надлежните служби на Град Скопје во координација со Секторот Инспекторат од Општина Карпош. Оваа соработка помеѓу Општина Карпош и Град Скопје во врска со отстранување на сите постоечки рампи кои биле поставени со претходно добиена согласност од локалната самоуправа се одвива согласно договорената динамика. Надлежните служби во неколку наврати излегоа на терен и поставија известувања за самостојно отстранување на рампите од страна на станарите кои ги поставиле – велат од Општина Карпош.
Општината планира да ги тргне рампите поставени за „мир во куќа“ низ Карпош
Оттаму објаснуваат дека наишле на разбирање и добра соработка од граѓаните што резултирало со самостојно отстранување на повеќе рампи.
Граѓаните кои самостојно ќе ги отстранат рампите нема да се соочат со финансиски трошоци. Со оваа иницијатива и преземени активности Општина Карпош е фокусирана на изнаоѓање најсоодветно решение за решавање на овој долгогодишен проблем со слободните паркинг места. Во таа насока веќе се преземени конкретни чекори за спроведување на процесот за зонско паркирање – истакнуваат од Карпош.
Но, нема одговор на прашањето дали Општината ќе ги обештети граѓаните за трошокот за поставување, со оглед на тоа дека биле доведени во заблуда околу правото да стават рампа и да си обезбедат простор за паркирање по добиената согласност од локалната администрација.
Жителите на улиците „Јуриј Гагарин“ и „Миле Попјорданов“ во населба Козле исто така добиле известување да си ги отстранат поставените рампи. И нивните биле незаконски.
Низ населбата има доста рампи, поставени се на сервисни улички за да се обезбеди паркинг за некои згради. Други пак немаат и се снаоѓаат. Сега слушам добиле известување да ги тргнат рампите. И нормално, не се решава проблемот со недостиг на места за паркирање на ваков начин, треба катни или монтажни гаражи, можеби и воведување зонско може да ја реши работата – вели жител на Козле за „Слободен печат“.
И пред зградата на булевар „Партизански одреди“ кај „Мал одмор“ рампите, од кои едната беше буквално поставена преку тротоарот веднаш после крстосницата со Рузвелтова, се кренати со денови, но не се отстранети. Можеби станарите од зградата очекуваат некое друго решение, затоа што, како што тврдеа реагирајќи на објавата на „Слободен печат“ за оваа рампа, поседувале целосна документација за уредување паркинг во нивното, како што наведоа, дворно место. Тоа „дворно место“ всушност е тротоар каде се движат пешаците на овој простор и според Катастар е државно, а не приватно земјиште на зградата.


