Заменикот во АНБ кој се поврзуваше со „непријателот“ ДУИ бил избран по проценка и консултации во институциите, велат од Влада
Старо – новиот заменик директор на Агенцијата за национална безбедност Бесник Ферати кој се поврзуваше со ДУИ и беше дел од раководството на Агенцијата кое владејачката ВМРО-ДПМНЕ жестоко го критикуваше додека беше во опозиција, бил именуван пред неколку недели како резултат на проценка и консултации во рамки на институциите, согласно законските процедури и безбедносните проверки кои претходат на секое именување, велат од Владата на прашање на „Слободен печат“ како е именуван Ферати со оглед критиките кон него.
Препорачано
Од владата тврдат дека тие како опозиција го критикувале начинот на злоупотреба на институциите и целиот модел на државата, а за критиките на политичката партија „Левица“ ги повикаа сомнежите да ги пријават во институциите.
– Ја разбираме загриженоста на јавноста и потсетуваме дека нашата позиција како опозиција во минатото беше насочена кон критика на начинот на злоупотреба на институциите, кон целиот модел на заробена држава што го практикуваше претходната власт. Денес, институциите не се инструмент за политички прогон, туку за професионално и законско постапување. Сите законски одредби се испочитувани. Ако постојат сомнежи, повикуваме истите да се поднесат пред надлежните институции, а не да се користат за дневнополитичка манипулација – велат од Владата за „Слободен печат“.
За именувањето на Ферати реагираше „Левица“.
– Бесник Ферати како кадар на ДУИ беше заменик и на претходниот директор Еролд Муслиу кој го следа бројни скандали, а за кои ревносно реагираа токму и од сега владејачката ДПМНЕ. Иако Законот јасно наведува дека директорот и неговиот заменик, како и вработените во АНБ не смеат да бидат членови на политички партии – Ферати е познат како кадар на ДУИ и според информациите, близок со Артан Груби и Али Ахмети. Дополнително, за Ферати постојат и информации кои велат дека е поврзан со разни кланови и „бизнисмени” со сериозен криминал. Пред само две години од претходниот и актуелен заменик-директор на АНБ, Бесник Ферати, излезе снимка каде тој заедно со ексминистерот Крешник Бектеши мавтаат со албанско знаме за што беа крајно изреволтирани членовите на ДПМНЕ и се надеваа, апелираа до нивниот лидер кога ќе дојде на власт да ја расформира тогашната структура на АНБ. Сепак, евидентно, тоа не се случи, а наместо реформирање, денешната власт ги продолжува истите практики и ги рехабилитира контроверзните кадри на претходната владејачка коалиција СДСМ–ДУИ. Нејасно е и дали, а доколку да – како Бесник Ферати го поминал полиграфското тестирање за проверка на професионалниот интегритет, за кое се најавуваше дека од февруари годинава конечно ќе профункционира?! – пишуваше во реакцијата.


