Заложуваат злато и автомобили да платат сметки и да направат свадба

Златен накит, Фото: Архива

Кредити, сметки за болничко лекување, пари за набавка на стока, за исплата на плати, за одмор, за свадба, па дури и за комунални сметки, македонските граѓани плаќаат со автомобили, златен накит, па дури и со телевизори. Заложните куќи, кои во земјава постојат легално од 2014 година, даваат позајмица според процената на предметот што го заложувате. Во овие друштва, кои ги има речиси во секој поголем град во земјава, влегуваат луѓе на кои најчесто им требаат брзи пари, некои заложни куќи работат дури и со недвижнини, но само за златото може да се добие и 90 отсто од неговата вредност. Од заложните куќи не сакаат многу да зборуваат за темата, иако велат дека имаат секакви клиенти. Сепак, велат дека иако е криза, не се чувствува зголемен обем на работа, дека најголемиот дел од граѓаните успеваат да ги вратат парите, а со тоа и предметите што ги оставиле.

– Не може да се дека имаме повеќе работа иако е криза. Работиме со подвижен имот, не примаме недвижнини, а луѓето најчесто оставаат коли, злато, па дури и телевизори. Работа има, само за златото даваме 90 отсто од проценетата вредност, додека за автомобилите се движи од 70 до 80 отсто од вредноста. Месечната камата е 3 отсто, но може да се каже дека дури 90 отсто од граѓаните навреме ги враќаат парите и си ги земаат заложените предмети. Наши клиенти се и луѓе од бизнисот, на кои итно им требаат пари за да купат стока, на пример, за во бутик или за да исплатат плата. Контроли има и нека има – велат за „Слободен печат“ од Заложната куќа „Леонис“ од Велес.

Според некои претходни анализи, банкарскиот сектор останува клучен партнер за надворешно финансирање на деловните субјекти. Истражувањето на деловното мислење покажува дека постои голем расчекор во користењето на банкарското финансирање врз основа на големината на фирмата: додека 70 проценти од поголемите компании користеле банкарски кредит, истото го направиле само 30 отсто од микро-претпријатијата. Од друга страна, микро компаниите почесто позајмуваат од семејството, пријателите и од другите финансиски друштва. Најголемиот дел од граѓаните што ги праша „Слободен печат“ зошто би преферирале да заложат нешто за да добијат пари, а не аплицираат за кредит во банка, велат дека не можат да се вклопат во условите или да најдат жирант кога ќе се најдат во тесно.

– Луѓето што земаат поголема сума за бизнис, може да понудат и недвижнина. Има работа, ама во последно време сè потешко се враќаат сумите, да речеме од десетина клиенти само тројца или четворица плаќаат навреме. Иако се добро запознаени со условите, со висината на каматите, добиваат договор, одиме на нотар, а отпосле велат дека не знаат што потпишале – велат во една скопска заложна куќа.

Инаку, процедурата за давање ваков кредит во заложните куќи подразбира процена, за преземањето се потпишува и договор, земените предмети се чуваат на посебно место, во магацини, а автомобилите на плацови. Кога клиентот ги враќа парите, го зема и тоа што го оставил како залог. Има и такви што никогаш не се вратиле по заложеното.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот