Заловените улични кучиња ќе се згрижуваат во стационар во затворот „Идризово“

Отварање на ЈП Лајка - Скопје, 14 октомври 2020 / Фото: Драган Митреска - Слободен печат.

Станува збор за простор во рамките на затворот, кој откако ќе биде реконструиран и соодветно опремен, значително ќе помогне во чувањето и во грижата на заловените улични кучиња

Сите кучиња од целата територија на градот Скопје, кои откако ќе бидат заловени и ќе го поминат третманот и здравствените прегледи од стручните лица во ЈП „Лајка“, наместо да се враќаат назад на матичната локација, како што тоа беше случај досега, ќе бидат згрижувани во простор во рамките на затворот „Идризово“, кој ќе биде нов дополнителен капацитет за потребите на ЈП „Лајка“.

Станува збор за простор во рамките на затворот, кој откако ќе биде реконструиран и соодветно опремен, значително ќе помогне во чувањето и во грижата на заловените кучиња, кои со години скитале низ главниот град.

– Јавното претпријатие за благосостојба на бездомни животни ЈП „Лајка“ успешно се справува и ги третира кучињата бездомници во градот Скопје, но дел од нив по хуманиот третман, согласно со закон треба да се вратат повторно назад од локацијата каде што биле заловени. Заедно со ЈП „Лајка“ и КПИ „Идризово“ го решаваме овој долгогодишен проблем. Обезбедуваме простор во рамките на затворот, кој ќе биде нов дополнителен капацитет за потребите на ЈП „Лајка“, со што се проширува постојното одделение за вдомување на кучињата. Во овој објект е предвидено ЈП „Лајка“ да ги сместува сите заловени кучиња откако ќе го поминат третманот и здравствените прегледи, наместо да ги враќа назад на матичната локација, со што ќе се зголеми и периодот за кој граѓаните ќе можат да вдомат куче доколку се заинтересирани – истакна градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Во моментот заловените кучиња се носат во просториите на јавното претпријатие, кои имаат капацитет привремено да згрижат околу 100 кучиња. Станува збор за објект за кој надлежните тврдат дека е со најдобри стандарди што се препишуваат во оваа област. Во него има подно греење, секој дел е засебен, тргнато е прифатилиштето и приемното одделение, има соба за интензивна нега, операциона сала, амбуланта, соба за постоперативен третман и карантински дел.

Стационарот во моментов претставува еден вид транзит зона каде што покрај крвните анализи и процесот на кастрација или стерилизација, се врши и микрочипирање на кучињата и им се ставаат ушни маркички. Откако кучињата ќе поминат низ хуманиот третман, доколку во одреден временски период не се вдомат од граѓани, животните се враќаат во истата населба во која се заловени.

Според направените процени, на територија на Град Скопје пред да започне со својата работа ова јавно претпријатие имаше околу 2.000 кучиња по улиците, кои талкаа низ јавните површини низ градот и тоа во сите скопски општини.

Од ЈП „Лајка“ апелираат до граѓаните да пријавуваат бездомни, но и агресивни кучиња и на тој начин заеднички да работат на тоа да се намали бројот на овие животни низ градот, но и да им се даде шанса откако ќе бидат заловени да бидат вдомени.

– Сите кучиња  што се заловени подлежат на следниве третмани: крвна слика, 4Д тест, тест за лишманија по акредитирана метода, терапија против надворешни и внатрешни паразити, вакцинација против заразни болести и беснило, кастрација/стерилизација, микрочипирање и обележување на ушна маркичка. Одреден процент кучиња беа позитивни на болестите ерлихија и анаплазма, за што добиле соодветна терапија. Дел од нив се веќе излекувани, а некои се веќе вдомени. Ние како претпријатие мошне одговорно стоиме зад нашата работа и болно куче не би вратиле на улица – тврдат од ЈП „Лајка“.

Оттаму објаснуваат дека не постапуваат по пријави на приватен имот и домашни миленици, нити пак по пријави за заловување кучиња помали од 7 месеци, како што не заловуваат ниту пријавени кучиња што се лоцирани надвор од територијата на Град Скопје. Нивните екипи не излегуваат на терен и доколку има пријава од граѓани и желби за дислокација на кучиња што веќе го поминале хуманиот третман, односно кучиња што се видливо обележани со ушна маркичка во жолта, црвена или сина боја. За кучињата што каснале граѓани, согласно со закон задолжително се заловуваат и одат под 14-дневен надзор, без разлика дали имаат ушна маркичка или не. Тие по изминување на рокот од 14 дена, подложат на хуман третман и се нудат на вдомување. Доколку не се вдомат, се враќаат на матичната локација.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот