Дискотека по закон може да добие лиценца и без проверка на противпожарните стандарди, алармира ДЗР
Министерството за економија во 2024 година издало две лиценци за дискоклуб, 4 за дискоклуб на отворен простор, 16 за кабаре, 31 решение за категоризација на ресторани и 42 решенија за категоризација на угостителски објекти за сместување
Државниот завод за ревизија (ДЗР) соопшти дека утврдил серија недостатоци во процесот на издавање на лиценци и категоризација на угостителските објекти.
Препорачано
„Законот не предвидува задолжителна проверка на исполнувањето на минимално-техничките, санитарно-здравствените, противпожарните и еколошките услови пред издавањето на решенијата за категоризација и лиценците за работа на угостителските објекти, ниту механизам за проверка на отпочнување со работа. Исто така, не се предвидува задолжителен регистар за издадени лиценци за вршење на угостителска дејност“, велат од ДЗР.
„Категоризацијата на угостителските објекти, како и обновата на важноста на решенијата за категоризација и лиценците се врши по поднесено барање, без задолжително меѓуинституционално информирање и постапување, што создава ризик од работење без исполнети услови или без важечки документи“, пишува во Извештајот на Државниот завод за ревизија за работењето на Министерството за економија и труд за 2024 година.
Министерството за економија во 2024 година издало две лиценци за дискоклуб, четири за дискоклуб на отворен простор, 16 за кабаре, 31 решение за категоризација на ресторани и 42 решенија за категоризација на угостителски објекти за сместување. Во 2025 година, одземени се две лиценци за дискоклуб, една за дискоклуб на отворен простор и осум за кабаре.
Дополнително, државните ревизори изразуваат резерва за финансиските извештаи на Министерството и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива.
Ревизијата меѓу другото открила дека околу два милиони eвра не се уплатиле во државната каса затоа што Прекршочната комисијата што била формирана во 2019 година во Економија постапувала несоодветно, и дозволила предметите да застарат.


