Вештачка интелигенција/ Фото: GORODENKOFF PRODUCTIONS / Sciencephoto / Profimedia

Законите на Асимов влегуваат во грчкиот Парламент: Владата сака со Устав да ѝ наложи на вештачката интелигенција да му служи на човека

Интересен е фактот што овие предупредувања се темелат на култните Закони за роботика, кои писателот Исак Асимов ги постави уште во далечната 1942 година.

Грција е подготвена да донесе значителни уставни промени, особено амандман кој наложува дека вештачката интелигенција мора да му служи на човечкото општество, објави „Индепендент“.

Конзервативниот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ги претстави предложените ревизии, опишувајќи ги како клучни за заштита на идните генерации во услови на глобална загриженост поради ризиците што вештачката интелигенција ги носи за демократското владеење и за човештвото.

– Многу е важно, во овој процес на уставна ревизија, да се погрижиме за светот во кој ќе живеат нашите деца – им рече Мицотакис на пратениците од неговата владејачка партија на десниот центар.

Предложените промени би вклучиле одредба која вели: „Вештачката интелигенција ќе им служи на слободата на поединецот и на просперитетот на општеството, осигурувајќи дека ризиците се ублажени и дека предностите што таа ги нуди се целосно реализирани.“

Десетици други промени би вклучиле проширување на гласањето по пошта, зголемување на задолжителното образование од девет на 11 години и забрана за ретроактивно оданочување.

– Овие предизвици веќе доминираат денес: од климатската криза и заштитата на водните ресурси до обновливите извори на енергија, но пред сè употребата на вештачката интелигенција. Оваа голема револуција мора и уставно да се стави во служба на индивидуалната слобода и социјалната благосостојба – рече премиерот.

Долгиот процес на ревизија вклучува серија гласања од страна на два последователни парламенти и вообичаено бара одредена меѓупартиска поддршка.

Грција е ентузијастичен корисник на вештачката интелигенција и модерната технологија откако пред осум години излезе од големата финансиска криза, надградувајќи го граничниот надзор и обновувајќи ја својата даночна администрација.

Моќната владина платформа за услуги сега управува со сè, од добивање развод до купување билети за домашни фудбалски натпревари.

Минатиот месец, владата ги откри плановите за целосна забрана на социјалните мрежи за деца помлади од 16 години, потег за кој рече дека има за цел да изврши притисок врз Европската Унија да усвои слични правила.

Некои уставни експерти во Грција тврдат дека вештачката интелигенција мора законски да биде обврзана да ѝ служи на демократијата бидејќи големите приватни технолошки платформи сега поседуваат доволно податоци и моќ да дејствуваат надвор од ефективен јавен надзор.

Водечкиот владин пратеник за уставната ревизија, Еврипидис Стилијанидис, рече дека промените ќе служат како долгорочна заштитна мерка за употребата на вештачка интелигенција.

– Многу прашања денес се дефинираат на меѓународно ниво. Заштитата и правилната употреба на вештачката интелигенција ги допира сите човекови права во секојдневниот живот и е нешто што мора да нè засега во уставната ревизија – изјави тој денеска за државното радио.

Законите на Асимов

Инаку, овој потег на грчките власти потсетува на славните закони од научната фантастика и на предупредувањата кои технолошките експерти и трансхуманистите ги упатуваат со години.

Иако вештачката интелигенција, роботиката и паметните алгоритми сè уште не го достигнале својот целосен потенцијал за тотална интеграција во општеството, стручната јавност одамна алармира за мрачните сценарија.

Но, интересен е фактот што овие предупредувања се темелат на култните Закони за роботика, кои писателот Исак Асимов ги постави уште во далечната 1942 година.

Според Асимов, за да бидеме безбедни, секој систем со вештачка интелигенција мора да се води од овие три основни правила:

Прв закон: Роботот не смее да повреди човек, ниту преку неактивност да дозволи човек да биде повреден.

Втор закон: Роботот мора да ги извршува наредбите дадени од луѓето, освен ако тие не се во спротивност со Првиот закон.

Трет закон: Роботот мора да го штити сопственото постоење, сè додека тоа не ги прекршува првите два закони.

Подоцна, сфаќајќи ја пошироката слика, Асимов го додава и апсолутниот, Нулти закон, кој е надреден на сите останати, а кој буквално ја отсликува целта на новиот грчки закон:

Нулти закон: Роботот не смее да дејствува против човештвото, ниту преку неактивност да дозволи човештвото да настрада.

Она што Асимов го напиша како фикција пред повеќе од 80 години, Атина денес се обидува да го внесе во својот Устав.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот