Зајков: Да не се потцени Малта, треба да играме одговорно и напаѓачки до трите бода

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во вторник од 20.45 часот македонската фудбалска А репрезентација ќе го игра својот петти натпревар против Малта во рамките од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 во Германија.

По болните порази од Украина и Англија, се врати добрата атмосфера кај нашите најдобри фудбалери откако во саботата ремизираше во Скопје против актуелниот европски шампион Италија (1:1).

Сега избраниците на селекторот Благоја Милевски имаат нова цел, а тоа е утре да ги освојат трите бода против Малта и останат во трка за едно од местата кои водат на следното ЕП.

Потсетување дека на првиот меѓусебен дуел во овие квалификации на Националната арена „Тодор Проески“, Македонија славеше со 2:1 против Малтежаните.

– На натпреварот во вторник најпрвин треба да одиграме одговорно, сите да го дадеме максимумот, затоа што Малта не е наивен противник, има доста квалитет и не треба да се потцени. Со максимален пристап и однос, треба да излеземе и да се обидеме да победиме. Со Италија беше друг натпревар, нели, се работи за квалитетен противник против кој мораш да одиграш подефанзивно. Но, утре ако сакаме да победиме, треба да нападнеме со сите сили – вели репрезентативецот на Македонија, Ѓоко Зајков.

Според одбранбениот игра на романскиот клуб Универзитатеа Крајова нема притисок во репрезентацијата, на секој натпревар националниот тим оди да се надигрува, а на крајот ќе се види каков ќе биде резултатот.

– Фаворит во фудбалот во денешно време може да постои само на хартија, не би рекол дека Малта е аутсајдер. Полесно е да играш со Италија можеби од тој психолошки план, притисок. Но, на сите натпревари е исто, нема зошто да имаме притисок против кого било, дали тоа било против Малта или Италија. Едноставно треба да уживаме во фудбалот, и да ги радуваме сите луѓе кои го гледаат – се зборовите на Зајков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот