Натпреварите во САД на Мундијалот можат да траат и до два-три часа повеќе од вообичаено
Претстојното Светско првенство би можело да се соочи со сериозен организациски предизвик поради временските услови, а постои реална опасност дел од натпреварите да бидат прекинувани и одложувани со часови.
Препорачано
Причината лежи во строгите безбедносни протоколи што важат во САД каде што ќе се играат најмногу натпревари. Според локалните правила, секој меч мора веднаш да биде прекинат доколку се регистрира гром во радиус од 13 километри од стадионот.
Во таква ситуација, фудбалерите се повлекуваат во соблекувалните, додека навивачите мора да се засолнат во покриените делови на стадионот. Од моментот кога ќе биде забележан громот започнува одбројување од 30 минути. Ако во тој период нема нова појава, натпреварот може да продолжи.
Меѓутоа, доколку се регистрира нов удар на гром, одбројувањето почнува одново и повторно се чекаат 30 минути без никаква опасност. Процедурата се повторува сè додека не поминат цели 30 минути без гром во близина на стадионот.
Дополнителен проблем е тоа што ФИФА не може да направи исклучок од американските безбедносни правила, што отвора можност некои натпревари да бидат прекинувани повеќепати и да траат значително подолго од вообичаеното.
Слични ситуации веќе беа видени на Светското клупско првенство минатото лето, кога неколку средби беа одложувани поради невреме. Најголем пример беше дуелот меѓу Челси и Бенфика во Шарлот, кој со прекинот траеше дури четири часа и 38 минути.
Тогаш натпреварот беше прекинат речиси два часа поради временските услови, сценарио кое организаторите сигурно ќе сакаат да го избегнат и на Светското првенство.
Комплетен распоред и саатници на сите натпревари на Светското фудбалско првенство 2026


