Напуштено куче/ Фото: ЈП „Лајка“

Загрижувачки тренд во Скопје, сѐ повеќе миленици завршуваат на улица

Се зголемува бројот на граѓани кои ги оставаат своите миленици на улица. На овој загрижувачки тренд алармираат од ЈП „Лајка“, од каде посочуваат дека континуирано се пронаоѓаат кучиња  со активен микрочип, односно со јасно идентификувани сопственици. И покрај тоа, како што тврдат оттаму,  дел од сопствениците одбиваат да ги преземат своите кучиња, оставајќи ги во „Лајка“ и создавајќи дополнителен притисок врз капацитетите на прифатилиштето.

Споделувајќи фотографии од некои од кучињата заловени во последниот период,  од „Лајка“ посочуваат дека секое од овие животни е потенцијален производител на нови легла на улица — што води до зголемување на бројот на напуштени миленици, нови генерации кои ќе страдаат и уште поголеми проблеми за заедницата.

Напуштањето на кучиња претставува кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, но за ваквите случаи не постојат предвидени прекршочни мерки кои би ги санкционирале сопствениците што свесно ги напуштаат своите миленици. Токму затоа, кучињата со микрочип кои се оставени да талкаат завршуваат кај нас — и тоа е системски проблем што мора да се решава. И покрај недостатокот на законски механизми, мора да постои минимум етичка обврска кај секој сопственик. Ако сте ја презеле одговорноста да чувате куче, оставате трага: микрочип, име, адреса. Но оставате и обврска, велат од „Лајка“.

Напуштено куче/ Фото: ЈП„Лајка“

Оттаму им порачуваат на сопствениците кои повеќе не можат да се грижат за своите миленици, дека се должни да најдат соодветно решение: да контактираат прифатилиште, да побараат помош, да најдат нов дом, но никогаш да не го оставаат миленикот на улица.

ЈП „Лајка“ ќе продолжи да постапува во рамките на своите надлежности, но оставањето чипирани миленици на улица покажува колку е неопходно подобрување на системските решенија и јакнење на свеста за одговорно сопствеништво. Напуштањето не е опција. Секој микрочип носи одговорност: за кучето, за заедницата, за сите нас, истакнуваат од прифатилиштето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот