„Загрижувачки е континуитетот на СДСМ на јавна пресметка и навредување на медиумите“, реагираат од ОнлајнМедиа
Здружението за заштита и унапредување на порталите – „ОнлајнМедиа“ најостро ја осудува вчерашната прес-конференција на Социјал-Демократскиот сојуз (СДСМ), на која, како што велат, се напаѓаат и клеветат одредени медиуми, од кои дел се членови на здружението.
Препорачано
„Ниту една политичка партија во Македонија не смее јавно политички да се пресметува и не смее јавно да дискредитира, ниту еден медиум, ниту пак новинар. Кај СДСМ се нотира загрижувачки континуитет на јавна политичка пресметка, јавно дискредитирање, јавно етикетирање и јавно навредување на медиуми, на цели новинарски редакции, и на повеќе новинари“, велат од здружението.
Оттаму додаваат дека политичките партии во Македонија „мора да го надминат тоа, и да разберат дека критиката до нив како политички субјект, а упатен од медиумите и новинарите е сосем легитимно нешто и всушност треба да го разберат позитивно, како забелешка за нивната работа и дејствување како политичка партија“.
„Сите политички чинители, треба да покажат дека имаат капацитет за демократско политичко дејствување, и да разберат дека медиумите се коректор на нивното работење“, порачаа од Здружението ОнлајнМедиа.


