Заев заминува, Алтернатива влегува во Влада?

Зоран Заев, Африм Гаши (1)
Средба Заев-Гаши / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Едновремените заседанија на највисоките партиски тела на СДСМ и на Алтеранитива, закажани за вечерва, во двете партии се толкуваат како сигнал дека премиерот Зоран Заев ќе ја активира остaвката од претседател на партијата, бидејќи обезбедил парламентарно мнозинство, односно дека Алтернатива е пред одлука за влез во Владата.

– Заев утре и формално ќе ја поднесе оставката, а тоа значи дека верува оти има обезбедено мнозинство од најмалку 61 пратеник. Надежите се дека парламентарното мнозинство дополнително ќе расте со четирите пратеници на Алтернатива – вели за „Слободен печат“ висок функционер од кабинетот на премиерот.

Очекувањата на функционери од СДСМ се дека на Извршниот и на Централниот одбор на партијата повеќето членови повторно ќе се обидат да ја одложат оставката на лидерот, бидејќи сè уште нема мнозинство, што било аргумент на Заев дека останува претседател додека не го окрупни мнозинството. Контрааргументот на Заев би бил дека обезбедил мнозинство и дека не отстапува од оставката, која се очекува вечерва да биде прифатена од Централниот одбор на СДСМ.

Ако ова се реализира, почнува постапката за избор на нов претседател на партијата. Според партискиот статут, по оставката почнува да тече рокот од 15 дена за распишување внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ. Новиот претседател ќе се избира на непосредни избори, со тајно гласање за сите пријавени членови. Се очекува на состанокот да биде утврден и датумот на оддржување на изборите за нов лидер.

Според најавата на Зеав, новиот партиски лидер ќе треба да биде и мандатар на новата влада. Најсериозен кандидат за нов лидер на СДСМ е Димитар Ковачевски, заменик министер за финансии и член на Извршниот одбор на партијата. Заев го промовираше Ковачевски на средбата со Гаши, што во јавноста беше протолкувано дека ќе биде негов наследник.

Засега нема информации дали освен Ковачевски ќе има други кандидати за лидер на СДСМ, но извесно е дека никој од актуелното партиско раководство нема да се кандидира за водечката функција во партијата. По оставката на Заев во оставка ќе биде и целото партиско раководство.

Состанокот на Централното претседателство на Алтернатива, пак, ќе почне еден час пред состанокот на Извршниот одбор на СДСМ. Од партијата велат дека одлуката нема да биде полноважна, туку дека ќе биде насока за Централното собрание, кое ќе треба да одлучи дали Алтернатива ќе стане дел од власта. На состанокот Гаши ќе реферира за средбата со Заев, на маса ќе бидат аргументите „за“ и „против“ влез во Владата. Неофицијално, очекувањата се дека ќе преовладаат аргументите Алтернатива да стане дел од власта и од парламентарното мнозинство. Совпаѓањето на состаноците на двете партии, според Алтернатива, се знак како што велат, дека „нештата се поставени на соодветно место“.

Од партијата исто така брифираат дека влезот во Владата ќе биде условен со програмските определби на Алтернатива, односно со приоритетите на партијата кои Гаши на средбата минатата недела му ги презентирал на Заев.

– Ако се одлучи да се дадат насоки да се биде дел од Владата, првенство ќе се даде на целите на програмата на Алтернатива. Мој услов ќе биде монтораните судски случаи да бидат еден од главните фактори на меѓувладиниот договор – вели пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива.

Како шт веќе објави „Слободен печат“, Гаши на средбата со Заев како услов за влез во Владата навел седум до осум барања, меѓу кои да нема отстапување од евроинтеграцискиот процес, правда, односно повторни судења за, според нив, неколку политички монтирани случаи, за кои треба да има и странска експертиза. Меѓу барањата се и развој на Липковскиот Регион, да се обезбедат пари и помош за трето дете, промени во законската постапка, врзана со извршителите, но и уредување на сферата со казината, односно ограничувања – каде и колку обложувалници да има.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот