Заев за утрешниот самит во Словенија: Очекуваме чиста порака дека местото ни е во ЕУ

Урсула фон дер Лајен и Зоран Заев во Скопје / 28.9.2021 / Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Ресорните министри се „растрчани“ во пресрет на самитот во Брдо. Османи е на турнеја во Германија и во Полска, а Димитров учествува на форум во Белград каде што зборува за очекувањата од состанокот на ЕУ во Словенија.

Очекувам јасна и чиста порака дека местото на Западен Балкан е во Европската Унија и дека Унијата е подготвена за тоа, во согласност со сите чекори што треба да ги направи секоја земја соодветно, изјави вчера премиерот Зоран Заев во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи утре во Брдо, Словенија. Очекувањето, нагласи премиерот, е дека ЕУ преку лидерите во Европскиот совет ќе испратат силна и мотивирачка порака до ЕУ за продолжување на максимален фокус кон интеграциите на регионот.

Во врска со оптимизмот дека е можен напредок во преговорите со Софија, Заев рече дека имаме позитивно придвижување во разговорите меѓу претставниците на МНР и дека се надева дека октомври, ноември и декември ќе бидат максимално искористени за изнаоѓање решение.

– Станува збор за патоказот што треба да биде нешто што ќе значи преземање обврска од двете страни за унапредување на ефикасноста во соработката според Договорот за добрососедство. Вториот аспект е дека во декември на Советот на министри на ЕУ се носи одлуката, а дотогаш ќе имаме завршени избори и во Македонија и во Бугарија. Трето е драфтираната верзија која се подготвува на Самитот ЕУ-Западен Балкан за сериозната фокусираност и посветеност на ЕУ за продолжување на процесот за евроинтеграциите на Западен Балкан – изјави Заев.

Според премиерот, ова прашање е пречка за продолжување на севкупниот процес на евроинтеграциите на регионот, имајќи в предвид дека и Албанија е блокирана, што предизвикува демотивирање и во Србија и Црна Гора, како и во Косово и Босна и Херцеговина.

Викендов државниот врв изрази оптимизам дека до крајот на годината постојат добри шанси за изнаоѓање на заедничко решение меѓу двете земји. Претседателот Стево Пендаровски во вчерашното интервју за грчкиот весник „То Вима“ порача дека ќе продолжат да дејствуваат конструктивно во разговорите со Софија.

– Решението на преговорите на Бугарија треба да е усогласено со Договорот за пријателство и соработка на двете земји и да го почитува правото на самоопределување на нашата нација, како и националниот идентитет и македонскиот јазик – порача Пендаровски.

Бугарскиот технички премиер Стефан Јанев смета дека Бугарија мора да се фокусира на дијалог и постојан контакт со властите во Северна Македонија и да се бара решение во име на заедничката иднина. Тој порача дека „не треба да се закопаме во минатото, туку да бараме решение во иднината“. Според Јанев, по ноември кога ќе завршат изборите во двете земји, дијалогот ќе добие нова смисла.

Во пресрет на утрешниот самит ресорните министри се растрчани по Европа и регионот. Министерот за надворешни работи Бујар Османи од вчера е на турнеја во Германија, Полска и на крај во Словенија на билатерални средби со функционери од тие земји, меѓу кои и германскиот колега Хајко Мас и германскиот министер за Европа Михаел Рот. Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак, учествува на Економски форум во Белград каде што зборува за очекувањата од состанокот на ЕУ во Словенија.

Видео на денот