Заев си оди во декември, но Ахмети може да ја урне Владата

Ахмети, Заев, Фото: Драган Митрески

За да не се пропушти можноста за почеток на пристапните преговори со Европската Унија во декември, можно е оставката на Зоран Заев  да се ефектуира дури во декември, брифираат за „Слободен печат“ учесници на завчерашниот состанок на премиерот во оставка со владините партнери. На средбата се проценило дека САД по ова можеби ќе го забрза евроинтеграцискиот процес.

Заев, кој во неделата поднесе оставка на функцијата премиер, ги покани во Владата претставниците на партиите што коалицираат во власта за да предложат кандидати за мандатар на новата влада.

На средбата Заев застанал цврсто зад својот јавно искажан став дека се повлекува од премиерската функција, вели за „Слободен печат“ висок функционер од Владата. Одлуката за оставка на коалициските партнери им ја образложил како чин на лична одговорност за изборниот пораз, со цел зачувување на сопственото достоинство и интегритет откако „ЕУ ни ја треснала вратата пред нос“. Тој рекол дека доколку остане премиер, опозицијата секојдневно ќе го прозива за оставката, што, пак, ќе создало лоша клима во општеството. Заев притоа се обврзал дека ќе биде тука да помогне за сè што треба да се заврши.

„Беса“ за стабилно владино мнозинство

За разгледување на предлозите за нов мандатар, најавена е нова средба до крајот на неделава, но и одделни состаноци на Заев со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на Движењето Беса – Билал Касами, и на ДПА – Мендух Тачи. Ако владините партнери, пред сè Ахмети, Касами и Тачи, не дадат согласност за новопредложениот мандатар, според информации од средбата, можно е идниот премиер да биде и непартиска личност.

Нашите соговорници тврдат дека сите дале „беса“ дека владиното мнозинство е стабилно и дека не се потребни предвремени парламентарни избори.

– ДУИ, но и Беса и ДПА инсистирале Заев да остане на премиерската функција. Аргументите на албанските партнери во Владата се дека во моментов не гледаат лик за мандатар, кој ќе може успешно да ги обединува партиите и да има капацитет да ја менаџира владината коалиција од меѓуетнички аспект – велат учесници на состанокот.

Според албанските партнери во Владата, единствено Заев е „амалгамот за едно општество за сите“. Клучно за нив е дека не е сеедно кој ќе биде мандатар и дека стравуваат да не се доведе во прашање опстанокот на владината коалиција. Нов премиер би значело и нови турбуленции за поделба на владиниот колач, особено ако на мнозинството се приклучи и опозициската Алтернатива, за што, како што велат, веќе има преговори.

Да не се испровоцира нова криза

Коалициските партнери сугерирале Заев да не брза со оставката, бидејќи по нејзиното ефектуирање, би притиснале роковите во Собранието и кај претседателот на државата за постапката за новата влада и за новиот мандатар.

– Поентата е да се остави време за да се усогласат за нов мандатар, да не се испровоцира нова криза и да се подготват за исходот на целата ситуација. Важно за сите учесници е да се одржи стабилноста и до декември да се одблокира евроинтеграцискиот процес. Аргумент да не се брза со оставката е и да се подготви буџетот за следната година, особено поради актуелната економска состојба, енергетската криза, растот на цените… – велат нашите брифери.

Учесници на средбата велат дека ако албанските партнери не се согласат за тоа кој да биде новиот премиер, ќе нема ни коалициска влада, односно дека Ахмети може да ја урне Владата.

Од ДУИ брифираат дека Ахмети, сепак, не се откажува од намерата да го премисли Заев. Остануваат на позицијата дека Заев, а не некој нов мандатар има договор за Влада со Ахмети. Стравувањата се дека новиот мандатар може да не ги реализира проектите договорени со Заев, кои се важни за Албанците. Еден од нив е и договорот за Албанец премиер во последните 110 дена на Владата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот