Заев: Се договорав со Груевски само за измени во Изборниот законик

Зоран Заев и Никола Груевски/ Фото: Слободен печат

Единствените договарања што ги имав со тогашниот претседател на Владата, Никола Груевски, беа за измени на Изборниот законик, изјави во судницата претседателот на СДСМ, Зоран Заев, сведочејќи во делото „Титаник“.

Според него, доколку се направеле измените во Изборниот законик, во насока на засилена казнена политика, тогаш опозицијата ќе имала повеќе гаранции за фер изборен процес. Заев додаде дека лично му соопштил на Груевски дека е запознаен со сите нерегуларности во изборниот процес од 2014та година.

– Такви нерегуларности се одвиваа преку Центрите за социјална работа, односно беше злоупотребена нивната функција, па така постоеја списоци со приматели на социјална помош, на кои им се вршеше притисок да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, со закани дека во спротивно ќе им биде одземена помошта, изјави Заев.

Тој сподели дека во изборните нерегуларности што ги вршела тогашната партија на власт биле спроведувачи и инспекциските служби.

-Државниот пазарен инспекторат, Трудовиот инспекторат, УЈП вршеа притисоци врз правните субјекти дека ќе бидат казнувани ако сопствениците на фирмите и поголем дел од вработените не гласаат за владејачката партија, истакна Заев, додавајќи дека била вмешана и Финансовата полиција. Премиерот, во судницата, рече дека и покрај сознанијата за изборни злоупотреби, решиле да ги признаат резултатите од предвремените парламентарни и претседателски избори, со цел да не дојде до уставна криза, а ова му го соопштил и на опонентот Груевски.

Одговарајќи на прашањата на одбраната, пак, Заев рече дека до институциите тогаш ги пријавил сите аргументирани неправилности, заедно со околу 150 конкрентни пријави доставени до надлежните институции, како ДИК и ОЈО, но воопшто немало одговор или реакција на пријавите, па оттаму тој решил лично да контактира со Груевски.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот