Венко Филипче / Фото: 360 степени

Заев нема никакво влијание во СДСМ, тврди Филипче

Претседателот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ одговараше на прашања за состојбите во партијата, а едно од нив беше: зошто не се истера до крај постапката за исклучување од партијата на Јово Деспотовски и Петре Шилегов. Филипче рече дека тие процеси се во тек во рамките на општинските организации.

„Тие се во тек, затоа што имаше реконструкција во тие општински организации, па се екипираат. Тоа е причината. Има формалности што треба да се завршат надвор од овие процеси, па после да се пристапи на тие прашања“, рече Филипче додавајќи дека апсолутно треба да се исклучат „луѓето што немаат чесна намера и што се договараат со ВМРО да ја делат партијата“.

На прашањето дали има докази дека Деспотовски и Шилегов „се договараат со ВМРО“, Филипче рече:

„Апсолутно да. Вратите на партијата се отворени за сите добронамерни. На сите им беше понудена соодветна функција, луѓето ја одбија. Знаев дека ќе одбијат бидејќи знаев каква им е стратегијата и заднината. Сите се добредојдени што имаат добар предлог и што веруваат во овие политики и веруваат дека СДСМ е единствената, а тоа е вистината, партија што може да ја совлада ВМРО и да ја донесе повторно државата на прав пат. Не постои друг политички субјект. Но, што прави ВМРО? Знаејќи го ова, сака да нè дели. Принципот на делење започна во 2021 година, повторно спонзориран од ВМРО и финансиски и инфраструктурно и така се создаде ЗНАМ. Што ветуваше ЗНАМ на почетокот? Ќе биле коректор на власта, СДСМ ги напуштила идеолошките политики. Што е напуштено? И како се тие коректор на власта? Обичен приврзок и луѓе што работат за сопствен интерес. Ништо друго. Тоа е ЗНАМ. И сега по истиот тој принцип сакаат да внесат нова поделба. Јас тоа нема да го дозволам“.

Прашан за улогата на поранешниот лидер на партијата, Зоран Заев, и какво е неговото влијание, Филипче одговори – никакво.

Филипче: Ниту има намера, ниту се јавува на темата, ниту влијае на креирањето на политиките. Човекот е назад во бизнисот.

360°: Го видовме на прославата на 35 години од СДСМ, се појави кон крајот на настанот и беше дочекан еуфорично од тие што беа таму.

Филипче: Па, нормално, човекот е добронамерен кон партијата. Таа била негов дом со години. Замислете дека некој ќе излезе надвор од рамките на партијата и дејствувањето на партијата и ќе биде на страна, а притоа вистински си ја сака партијата. Па беше и Бучковски. Но, гледајте, со неговите политики со кои државата ја одглави од статус квото во кое бевме со децении, за што беше обвинуван од претседателката, од премиерот итн., кои го нарекуваа предавник, ама еве сега не бил предавник… Претседателката треба го повика на прием, па нека му оддаде и такво признание кога веќе кажа дека Зоран Заев е тој што со Преспанскиот договор го потврдил нашиот идентитет.

По најавите на Маѓар, Обвинителството да отвори истрага за кинеските пари од унгарскиот кредит, бара СДСМ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот