Заев: На СЈО му предадовме над милион различни комуникации

Фото: Слободен печат/ Арбнора Мемети

Во својство на сведок премиерот Зоран Заев денеска пред Кривичниот суд ја кажа својата верзија на „бомбите“ во склоп на судењето „Таргет и Тврдина“, кое е под закрила на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

-Пред да бидам избран за претседател на СДМС од 2006 до 2013 година бев потпретседател на партијата. Кога бев избран за лидер на партијата во јуни 2013 година, набрзо по тој период прв пат дознав за незаконското прислушкување. За безбедносната политика во партијата во тој период беше професорот Зоран Верушевски. Тој беше претседател на партиска комисија. После примопредавањето на функцијата имав средби со претседателите на комисии. Тогаш Верушевски ме запозна дека прибавуваат информации за потребите на СДСМ и за креирање на нејзините политики. Тој сегмент е токму тој кога бев известен дека партијата располага со документи и материјали од незаконското следење во нашата земја- истакна Заев.

Документите биле во пишана и во аудио форма, појасни премиерот Заев пред Судот, и додаде дека само претседателот на партијата одлучувал со кого ќе ги сподели тие информации.

-Ваквите информации се достапни само на претседателот на партијата и тој одлучува со кого ќе ги сподели тие информации. Верушевски ми објасни како партијата ги добила тие материјали. Денеска ги познавам и двајцата “свиркачи”, но во тој период кога бев запознат со материјалите не ги знаев – рече Заев.

Истакна дека не знаел и не прашал од кого тие материјали се добиени, туку само дали тие се од инститициите на земјата добиени или надвор од неа. Верушевски му потврдил дека тие материјали се од институциите на земјава.

– Од тие докази увидов дека има масовно незаконско прислушкување, без судска наредба, без посебни истражни мерки и масовноста според моја проценка била над 20.000 граѓани, дел од директно прислушкувани. Најчесто прислушкувана беше опозицијата и СДСМ, па новинарите, експертите и професори од факултети, претставници од НВО секторот, бизнисмени, од верските заедници и неколку високи претставници на власта од тоа време. Јасно се гледаше дека биле прислушкувани и сите од врвот на сите албански партии во земјава. И јас бев прислушкуван. Во обемот имаше илјадници разговори и смс пораки. Во тој период имав два телефонски броеви. И двата беа прислушкувани – изјави премиерот Заев.

Тој истакна дека од тоа што поседувала партијата се прислушкувало од 2008 година до почетокот на 2014 година. Нагласи дека прислушкувањето било дело на УБК. – Кога ги гледате и сопствените разговори увидувате дека ве прислушкувале без ПИ мерки и тоа лесно се препознава. Потврдувам дека моите разговори и смс пораки се вистинити. Ги потсетувам сите дека обелоденувањето го започнав преку објавен разговор со тогаш мојата малолетна ќерка – потенцираше Заев.

Истакна дека “бомбите” биле посебно чувани, и само Верушевски и лидерот на партијата имале пристап до таа просторија.

– Јас ги селектирав тие материјали кои ќе се објават во јавноста, а само во два наврати тос го стори од мене овластено лице. Никој друг. Во тие материјали имаше и приватност. СДСМ не дозволи ниту една приватна “бомба” да биде објавена. Од тоа што на времето го поседувавме и што му беше дадено на СЈО во 2015 година беше над милион различни комуникации – изјави Заев.

За “бомбите” дека ги поседуваме како инфо ги споделив со Груевски и ОЈО, а соопштив и во јавноста, истакна премиерот Заев.

– Груевски тогаш се шегуваше дека ние немало шанси тоа да го поседуваме, па одлучи тој да тргне во постапки за апсењр на сите можни иматели на “бомбите”, па одлучив да ги споделам со јавноста. Со Груевски за “бомбите” имавме четири состаноци во неговиот кабинет. На тие средби му предочив наративно за неколку разговори за да докажам дека СДСМ навистина поседува такви докази. Тоа беа содржина на негови разговори. Меѓу нив беше и како тој тајно купува имот на Водно. Тој побара доказ, но јас не му дадов транскрипт или аудио материјал – изјави Заев.

Тој рече дека сите материјали останале во СДСМ, но никаде надвор од партијата, рече Заев не биле споделувани освен тие јавно објавените се до предавањето во СЈО. За “бомбите” кои беа објавени на Албански, Заев рече дека член на партијата помагал во превод на материјалите кои беа на Албански јазик.

– Се приклучувам кон кривичниот прогон кско лице кое било таргет, но не барам никаква штета. Штетата може да биде исправена со пресуда од судот – рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот