Заев ќе ја чека истрагата за одлука, сопартијци и лекари не го даваат Филипче

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Ќе ги чекам резултатите од истрагата и ќе одлучам дали ќе ја прифатам оставката на министерот за здравство, или не, зависно од форензичките докази, а не врз основа на политички пресметки и напади, соопшти премиерот Зоран Заев на Фејсбук по понудената оставка од страна на Венко Филипче. Оставки до премиерот по трагичниот пожар во Тетово понудија и заменик-министерот Илир Хасани, директорот на тетовската болница Флорин Бесими и економскиот директор во истата установа Артан Етеми.

„Поднесените оставки ги примив и ги разбирам како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи. Истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детал причините за избувнувањето на смртоносниот пожар. Имајќи предвид дека истрагата се спроведува со висока динамика и дека истата е обезбедена со највисоко ниво на стручност и професионалност, мојата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот“, информираше премиерот.

Тој додаде дека одговорност ќе има, но јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки.

И додека опозицијата и дел од јавноста на социјалните мрежи интензивно повикуваат на одговорност и оставка од министерот Филипче, поддршка за неговата работа пристигна од партиските соработници од СДСМ, од директорите на јавните здравствени установи и од Здружението на лекари специјалисти.

Директорите на Јавните здравствени установи (ЈЗУ) во земјава испратија писмо до премиерот Заев во кое наведуваат дека не ја прифаќаат понудената оставка на министерот и дека тие му даваат безрезервна поддршка да продолжи да ги води.

Министерот Филипче беше пофален и од Здружението на лекари специјалисти.

Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека до Собранието ќе достават предлог за разрешување на Филипче и неговиот заменик. Според опозициската партија, министерот за здравство својата оставка требал да ја поднесе во Собранието, а не кај премиерот.

– Даваме рок до вторник рано претпладне, министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани да ги достават своите оставки до Собранието, како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден, а дококу не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-одлука за нивно разрешување, информираше на вчерашната прес-конференција лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Професорот од правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, вели дека министерот оставка од својата функција може да поднесе до премиерот, а не до Собранието од причина што премиерот е тој кој ги именува министрите.

– Оставка се поднесува до мандаторот кој ве предложил. Нема што министерот да му поднесува оставка на спикерот Талат Џафери. Заев е мандатар, тој форимирал влада, а Филипче е тим од владата. Ако ја прифати премиерот оставката, на негово место ќе предложи друг за кој потоа ќе се изјасни Собранието. Собранието само гласа тоа што ќе му предложи мандаторот. ВМРО-ДПМНЕ може да поднесе барање за разрешување на министерот, но мора убаво да ги образложат причините по кои Собранието ќе расправа и сето тоа пак ќе се сведе на интерпелација. Ваквите изведби на ВМРО-ДПМНЕ се игри за ситни политички поени. Правилата се јасни – вели професор Давитковски.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот