Заев: Економијата блеска, резултатите се за поклонување

фото: Принтскрин

На 1 јуни 2017 година јавниот долг беше 48,6 отсто од БДП, а сега е 47,7 проценти. Намален е за 0,9 отсто. За разлика од ова намалување, во периодот 2006-2017, во времето на ВМРО-ДПМНЕ, долгот беше зголемен од 20 на 48,6 отсто. Се трупаа кредити, 28 проценти од БДП, за жални врби, музеи, споменици, за лева рака – десен џеб, за непродуктивни трошоци, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на пратеничко прашање.

Заев нагласи дека за 300 отсто е зголемена социјална помош, дека за 2,5 години платите се зголемени за 2.297 денари или по ново за 2.600 денари, а се зголемуваат и пензиите – „заклучно со јануари за 1.740 денари, што е за 10.000 денари зголемување во 2020 година”. За 60 отсто е зголемена и минималната плата, која беше 9.000 денари, а тоа, според пресметките, како што нагласи премиерот, значи 66.000 денари повеќе пари кај секој примател на минимална плата.

Покрај ваквите економски мерки, напомена Заев, има и заштеди заради транспарентното и чесно работење.

– Економијата блеска, а уште не сме членка на НАТО, ниту почнаа преговорите за членство во ЕУ. Резултатите се за поклонување, потенцира премиерот.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт „истури” 27 милиони евра за рекламирање, а СДСМ нема потрошено ниту денар.

– Ако планирате со „социјалка” да ја подгнувата средната класа, за жалење сме, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој го постави прашањето до Заев, напоменувајќи дека не е задоволен од одговорот.

Мицевски претходно му рече на Заев дека СДСМ се повеќе потсетува на поранешното ВМРО-ДПМНЕ, на што премиерот праша на кое ВМРО-ДПМНЕ мисли, дали на тоа на Милошоски, на Трајко Вељаноски, на Влатко Ѓорчев или на Мицкоски.

– Не. Ни со сегашното, ни со поранешното ДПМНЕ не сме исти. Вие потрошивте 50 милиони евра, а ние ниту еден денар државни пари, потенцира Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот