Заев: Баравме вакцини на секој начин, но не незаконски

Фото: Драган Митрески - Слободен Печат

По веста дека Кина ѝ го вратила авансот на Македонија за вакцините, италијанскиот весник „Ла верита“ вчера излезе со напис дека причината за таквиот потег на Кинезите било тоа што зделката требало да се одвива преку фантом посредничка фирма, со седиште во Хонг Конг, која немала стабилни темели, но имала големи финансиски депозити во германската „Дојче банк“. Ова, како што додава весникот, претставувало основа Пекинг да ја поништи процедурата и да го врати авансот, затоа што се посомневале дека ќе станат предмет на измама.

Премиерот Зоран Заев вчера потврди дека Владата соработувала со приватни фирми за набавка на вакцини против ковид-19. Тој рече дека не ја прочитал веста на „Ла верита“, но дека Владата се обидела на секој начин да дојде побрзо до вакцини за граѓаните.

– Апсолутно негирам какви било лоши намери и незаконски дејствувања. Имавме писма за интерес преку повеќе компании, не само во Кина – рече премиерот Заев, додавајќи дека сепак за набавката на кинеската вакцина се одлучило да се оди преку кинеската амбасада и кинеското МНР.

Тој додаде дека кинеските компании што работат во Македонија, биле контактирани за вакцините побрзо да стигнат во земјава.

– Во целата нарачка ни помогна „Пауер Чајна“, мајка компанија на „Синохидро“, фирмата што ги гради патиштата во Македонија. Се обративме преку таа фирма. Покрај амбасадата, се обидувавме и преку неа со вртење на телефоните, преку сѐ кинеско што имаме овде, а тоа е компанијата што работи овде – рече Заев.

Додека се чекаат кинеските вакцини, во земјава продолжува процесот на имунизација на здравствените работници со вакцината „Спутник В“ од Русија. Со три илјади дози во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје процесот почна од вчера изутрина, а ќе се одвива секој ден, од понеделник до сабота. Втората доза од руската вакцина треба да пристигне за три недели, што е обврска што ја презела руската компанија. Главно се вакцинираа здравствени работници со првата доза. Во поликлиниката „Букурешт“, пак, продолжи вакцинацијата со втората доза од фајзеровата вакцина за здравствените работници.

Во меѓувреме во земјава на сила е полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро за да се сопре се поголемиот број заразени и хоспитализирани пациенти, главно со британскиот сој на вирусот. Министерот за здравство Венко Филипче во гостување на „Утрински брифинг“ рече дека мерките се во функција на сузбивање на пандемијата. Полицискиот час треба да превенира младите да се групираат на јавни места, а потоа да го шират вирусот. Официјално, здравствените власти тврдат дека нема проблеми со слободни места во болниците, меѓутоа се прави обид да не дојде до тоа сценарио. Вкупната бројка на пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 917 и има околу 290 празни болнички кревети во ковид-центрите. Според извештајот на ИЈЗ, од 1 до 7 март се регистрирани 4.463 нови позитивни случаи што е зголемување од 23 отсто споредено со претходната недела. Најзастапена е возрасната група над 60 години, а најголемиот број регистрирани новозаразени се од Скопје. Починале 57 лица, што е за 17 проценти помалку во однос на минатата недела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот