Фото: Raphye Alexius / Carte Blanche / Profimedia

За живот без осаменост и стрес: Кои раси на кучиња се најдобар избор за пензионерите?

На постарите лица, особено на пензионерите, чувањето на домашно милениче може да им донесе многу радост и придобивки, а една од најважните е намалувањето на чувството на изолација и осаменост, па дури и нивно целосно отсуство. Постарите луѓе често немаат друштво, а домашното милениче, особено кучето, го подобрува расположението, ја ублажува осаменоста и му покажува на сопственикот дека е важен и потребен.

Сепак, пред да донесе одлука за набавка на куче, идниот сопственик треба да избере раса што ќе се вклопи во неговиот начин на живот, пишува „Љубимци“.

Фактори при избор на раса на куче за постари лица

Постарите лица треба да земат предвид неколку фактори за да бидат сигурни дека кучето ќе им одговара во секој поглед.

Големина и тежина на кучето: Поголемите раси може да бидат потешки за нега и грижа. На многу од нив нема да им биде удобно во помали станови или ќе им недостасува двор (кој сопственикот можеби го нема), а прошетките можат да станат напорни. Затоа, помалите раси се идеални, бидејќи полесно се контролираат и можат удобно да се сместат дури и во најмал простор.

Ниво на енергија: Ова е уште еден многу важен фактор. Некои постари луѓе се активни и уживаат во прошетки и игра со енергично куче, но други може да се бавни и да преферираат милениче што бара помаку внимание. Затоа е важно нивото на енергија на кучето да се усогласи со нивото на активност на сопственикот.

Темперамент: Мирно и пријателски расположено куче е посоодветно за постари лица отколку постојано внимателно, нервозно или претерано будно куче. Кучињата со мирен карактер ќе му обезбедат повеќе спокојство на сопственикот и ќе бидат помалку захтевни.

Здравствени потреби и нега: Многу е важно да се разгледаат здравствените карактеристики на расата и потребите за одржување. За постарите лица е подобро куче кое не бара често бањање и шишање, не само поради дополнителната грижа и хигиена, туку и поради финансиските трошоци. Една од најважните ставки е и општото здравје на расата. Постарите луѓе, особено оние со ограничен буџет, може да се најдат во непријатна ситуација ако кучето е склоно кон болести чие лекување е скапо.

Постарите лица со алергии исто така треба да избегнуваат раси што можат да предизвикаат алергиски реакции и да размислат за хипоалергени раси.

Земајќи ги предвид сите наведени фактори, ви предлагаме 7 најдобри раси на кучиња за постари лица. Иако секое куче може да биде одличен придружник, одредени раси се особено погодни за нивните потреби.

Кавалерски шпаниел на Кралот Чарлс

Кавалер Кинг Чарлс шпаниел / Фото: Pexels / Steshka Willems

Оваа раса е една од најдобрите за постари лица. Кавалерски шпаниел на Кралот Чарлс е нежен, приврзан и сака да поминува време со својот сопственик, уживајќи во прошетки и игра, но без голема потреба од активност. Иако неговото крзно бара редовно четкање, генерално не бара многу нега.

Ши цу

Ши цу / Фото: Pexels / Goochie Poochie Grooming

Ши-цу е пријателски настроен, мирен и прилагодлив за живот во затворен простор, има умерено ниво на енергија – ужива во прошетки, но не бара многу активност. Сепак, потребна е редовна нега на крзното.

Пудлица

Пудлица / Фото: Pexels / Goochie Poochie Grooming

Пудлиците се одличен избор за постари лица кои имаат алергии. Сите видови на пудлици се хипоалергени, што значи дека поретко предизвикуваат алергиски реакции. Познати се по својата интелигенција и лесна дресура. Нивното виткано крзно бара редовно шишање од професионален грумер.

Малтезер

Малтезер / Фото: Pexels / alpography 68

Малтезерот е слатко и нежно куче кое е силно приврзано за својот сопственик. Неговата големина е идеална за постари луѓе и лесно се прилагодува на живот во мал стан. Обично е мирен, ужива во кратки прошетки, но и во одморот дома. Потребна е редовна нега.

Француски булдог

Француски булдог / Фото: Pixabay

За постари лица што бараат куче со ниско ниво на енергија и минимални потреби за нега, францускиот булдог е одличен избор. Лојален е, пријателски и со мирен темперамент, погоден за живот во стан или помала куќа. Не бара многу физичка активност и потребни се минимални хигиенски интервенции.

Чивава

Чивава / Фото: Pexels / Goochie Poochie Grooming

Чивавите се мали кучиња со голем карактер. Многу се приврзани и создаваат силна врска со сопственикот. Идеални се за луѓе што преферираат мало и лесно куче. Иако не бараат многу физичка активност, сакаат да се гушкаат и да поминуваат време со сопственикот.

Бишон фризе

Бишон фризе / Фото: Pexesl / David Brown

Бишон фризе е пријателска и разиграна раса на куче што ужива во друштво. Мал е по раст и лесен за чување, што го прави добар избор за постари лица. Иако сака игра и умерена активност, може да се прилагоди на енергетското ниво на сопственикот. Исто така, е хипоалергена раса.

Други фактори што треба да се земат предвид

Кога размислувате за набавка на милениче, подобро е да се одлучите за возрасно куче, а да избегнете кутре. Кутрињата бараат многу енергија, дресура и трпение, што можеби не е идеално за постари лица. Возрасните кучиња се помирни и често веќе дресирани.

Поддршката од семејството е исто така важен фактор. На некои постари лица може да им биде потребна помош околу негата, посетите на ветеринар или подолгите прошетки. Пред да набавите куче, уверете се дека ќе имате помош за обврските што нема да можете сами да ги извршите.

Исто така, важно е да се размисли за времето и посветеноста што се потребни. Постарите лица кои се загрижени за тоа кој ќе се грижи за миленичето во иднина, треба да размислат за вдомување постаро куче. Оваа опција им овозможува да уживаат во друштвото на милениче без долгорочна обврска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот