За СДСМ извештајот на „Фридом хаус“ е потврда за загрозените слободи, но во времето на Заев сме стоеле и полошо
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска го коментираше новиот извештај на организацијата „Фридом хаус”, кој се однесува за 2025 година и според кој Македонија останува во групата „делумно слободни“ земји кога се во прашање граѓанските слободи и политичките права.
Препорачано
Од опозициската партија велат дека овој извештај потврдува оти граѓанските слободи во земјава се загрозени под актуелната власт. Ова СДСМ го „поткрепува“ со споредба со „времето на СДСМ“, наведувајќи дека во 2021 година Македонија била „прва во регионот, единствената земја со демократски напредок во Западен Балкан односно со втор најдобар резултат во Европа“. Но, во извештајот „Слобода на светот“ за 2021 година клучниот индикатор, индексот од 0 до 100, кој „Фридом хаус“ ѝ го доделува на секоја држава – е идентичен со оценката за минатата година – 67.
Доколку понатаму се споредува индексот на граѓански слободи и политички права во земјава низ годините, може да се види дека во последните пет години „Фридом хаус“ ја оценувал Македонија со речиси иста оценка – нашата земја имала индекс 67 во 2023., 2024. и минатата година, додека тој бил за нијанса понизок (66) во претходните две години – 2022. и 2021. Овој индекс ги следи слободите во една земја објективно, а не во споредба со други земји. Во реалноста, значи, Македонија едвај и да се помрднала во овој аспект од 2020 година наваму.
Понатаму наназад низ „времето на СДСМ“, се гледа дека вкупното ниво на граѓански слободи и политички права во 2020 година било оценето со индекс 66, во 2019-та индексот изнесувал 63, а во 2018 година, првата целосна во која на власт беше СДСМ, „Фридом хаус“ на Македонија ѝ доделил индекс 59. Претходно, во времето на владата на Никола Груевски, која беше широко препознаена како недемократска, индексот на граѓански слободи и политички права во земјава бил најнизок – во 2015 и 2016 година сме имале оценка 57.
Всушност, од 2012 година наваму, вкупниот напредок на земјата според индексот на граѓански слободи и политички права на „Фридом хаус“ изнесува само три места.
Фридом Хаус: Македонија и натаму е „делумно слободна“ земја, такви ѝ се и повеќето соседи


