За Ивановска имало приватна кривична пријава од февруари, тврдат од Обвинителството
Обвинителството постапувало по приватна кривична пријава поднесена против поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска поднесена во февруари и поканата за испитување била испратена на 25 јули, односно пред таа да објави дека ќе се кандидира за градоначалник на општина Центар од „Независни заедно“.
Препорачано
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.02.2025 година и презема дејствија за да ги провери наводите. Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25.07.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата – велат од Обвинителството откако Ивановска објави дека и синоќа полицајци и затропале на врата за да и врачат кривична пријава.
Ивановска вели дека за што е кривичната не знае и дека ја повикуваат на разговор во вторник.
– По 11 часа откако ја објавив мојата кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата. Синоќа во 20:30ч двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам Поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со „Независни заедно“ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација – објави Ивановска.


