Вучиќ в сабота гостин на Светосавската академија во Скопје

Александар Вучиќ / Фото Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ в сабота доаѓа по вторпат неделава во Скопје, но овојпат ќе присуствува на Светосавската академија што се одржува по повод празникот Св. Сава.

Информацијата за „Слободен печат“ ја потврди претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, на чија покана доаѓа Вучиќ.
Академијата ќе се одржи в сабота во 19 часот  во Македонскиот народен театар, а според најавата, меѓу гостите, освен Вучиќ, ќе бидат и претседателот Стево Пендаровски, премиерот во оставка Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи во оставка Оливер Спасовски. Со Вучиќ од Белград ќе дојде и српскиот министер за труд Никола Селаковиќ, претседателот на Собранието на Република Српска, Ненад Стевандиќ и Арно Гујот, директор на Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот.

Според програмата, на Академијата ќе се обратат Вучиќ, Пендаровски, Ковачевски и домаќинот Стоилковиќ.

Посетата на Вучиќ ја најави Стоилковиќ и на својот Фејсбук профил, потсетувајќи дека српскиот претседател лани го добил признанието „Светосавска повелба“.

„Носителот на минатогодишната Светосавска повелба, нашето највисоко признание, претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе биде наш драг гостин и на овогодишната Светосавска академија! Добро ни дојдовте претседателе“, напиша Стоилковиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот