Вучиќ: Се ограничуваат трговските маржи за околу 3.000 производи
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска презентираше нов пакет економски мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните, кои вклучуваат ограничување на маржите на најголемите малопродажни синџири за 3.000 производи и намалени каматни стапки на готовинските и потрошувачките кредити. Тој ги нарече мерките „чудесни“.
Препорачано
Вучиќ најави дека овие економски мерки ќе се однесуваат на сите производи, првенствено на храна и производи за хигиена во домаќинството, како и на можноста за добивање кредити по поволни услови. Мерките вклучуваат и промени во прописите за заплена и осигурување, попусти на електрична енергија за некои потрошувачи и пониски цени на горивото, пренесува Нова.рс.
Вучиќ рече дека вториот дел од економските мерки што ќе им користат на милиони граѓани ќе биде презентиран кон средината на септември.
„Убеден сум дека со овие мерки покажуваме колку ни е грижа за граѓаните на Србија, дека тие живеат подобро, дека покажуваме грижа за нив“, рече Вучиќ.
Тој исто така најави дека за 20 до 30 дена линијата Белград-Суботица ќе биде пуштена во сообраќај.
Српскиот претседател најави декрет со кој ќе се ограничат трговските маржи на 20 проценти почнувајќи од следната недела, додека тие моментално достигнуваат до 45,2 проценти во најголемите синџири. До крајот на годината, рече тој, ќе следат сеопфатни мерки за подобрување на животниот стандард. Додаде дека во наредниот период ќе бидат донесени закони за трговија и заштита на потрошувачите, а до крајот на годината се очекува да биде донесен закон за забрана на нефер трговски практики.
Со најавената регулатива, маржите ќе бидат ограничени за 23 групи производи, односно околу 3.000 артикли, а мерката ќе се однесува на 24 компании. Делез, Меркатор, Лидл и Универекспорт остваруваат 51 процент од вкупната малопродажба, рече Вучиќ, наведувајќи дека речиси 48 проценти од минималната плата се троши за храна и безалкохолни пијалоци.
На прес-конференцијата, Вучиќ им покажа на камерите кошници со различни производи чии цени треба да бидат пониски.
„Ова се силни и значајни мерки што ќе ја зголемат вкупната потрошувачка и ќе значат повеќе за обичните, посиромашни луѓе“, рече Вучиќ.
Покрај ограничувањето на трговските маржи, Вучиќ најави и ограничување на попустите на 10 проценти. Како што истакна, целта е да се зголеми стандардот на граѓаните и да се намали инфлацијата.


