Вучиќ им се извини на винарите од Истра што виното им го нарече: Ѓубре и одвратно

Српскиот претседател Александар Вучиќ им се извини денеска на сите винари од Истра поради изјавата дека истарската малвазија е „одвратно вино“.

Вучиќ им се извини преку видео снимка на Инстаграм, велејќи дека „направил многу грешки“ и дека „ги прави секој ден“, но дека пред некој ден во едно интервју „направил голема грешка“ поради која се кае и поради која му е „искрено жал“.

„Не затоа што не го реков тоа што го мислам, јас навистина не сум голем љубител на малвазија, но секако сум некој кој нема никакво право да го навредува трудот и работата на винарите кои се борат за својот производ и кои напорно и вредно работат тој свој производ да го продадат на пазарот“, рече Вучиќ.

Тој ги замоли сите винари во Истра да му простат поради таа изјава.

„Тоа што јас нешто не сакам не значи дека не е добро и не значи дека јас тоа мора да го знам. Сакам да им кажам однапред благодарам што го прифатија ова мое извинување, а јас ќе водам сметка таквите грешки да не ги правам“, додаде Вучиќ.

Тој во интервју за сараевската телевизија Фејс, објавено во петокот, рече дека истарската малвазија е „одвратно вино кое не служи за ништо“ и „ѓубре“ во однос на виното кое Србија може да го понуди.

Реагирајќи на изјавата на Вучиќ, градоначалникот на Пула Борис Милетиќ вчера го повика претседателот на Србија да дојде во Истра, „ако сака нешто да научи за врвно вино, соживот и толеранција“.

„Винските преференции на Александар Вучиќ стигнаа и до нас во Истра, татковината на малвазија. За среќа нашите драги гости од Србија чие срце е во Истра не ги делат ставовите на господинот Вучиќ. И не мислам притоа само на малвазијата“, рече Милетиќ.

Милетиќ, претседателот на партијата Истарски демократски сабори и пратеник во Хрватскиот сабор, наведе дека работата и трудот на истарските винари е препознатлив во цел свет и дека редовно добиваат златни медали на светските натпревари.

Извор: Бета

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот