Врие од ковид хоспитализации во Охрид: Најстариот пациент има 92 години

Фото: Слободен печат /Драган Митрески

Пандемијата со коронавирусот нема изгледи да спласне, посочуваа во разговор за Слободен печат, директорите од клиники во Скопје и Охрид. Пациентите доаѓаат во тешка состојба, со искомплицирана здравствена состојба и голем дел завршуваат на кислородна поддршка. Дали тоа се должи на британската мутација на коронавирусот, директорите на болниците не можат да кажат со сигурност, со оглед на тоа што испитувањата за тоа се прават подоцна.

Коронавирусот ги полни болниците во Охрид и во Скопје со пациенти со тешка клиничка слика, од кои голем број се на кислородна поддршка. Директорите на болниците со кои Слободен печат стапи во контакт, велат дека напливот на хоспитализации е забележително поголем, но позагрижувачко е што сите што се во болница се со тешки симптоми, лекарите се преморени и истоштени.

Директорот на охридската болница доктор Горан Балески, ни рече дека пандемијата воопшто не очекува да се повлече брзо.

-Кај нас во Охрид нема ни 20 луѓе во чаршија. Сите се исплашени. Не сме паднати под 55 хоспитализации и тоа 40 од нив на кислород. Ова не се издржува ни психички. Секој ден сум на гробишта. Пациентите кои што доаѓаат кај нас се во тешка состојба и независно од тоа дали се позитивни или негативни на вирусот сите мораме да ги третираме. Разговарам со мои колеги во Чешка, во Дубаи и таму е слично. Во Чешка плачат докторите и ги молат Германците да им ги примат пациентите. Чешка е на колена, капитулираат докторите. Кај нас во болницата не се различни симптомите од порано, ама степенот на зараза е побрз. Требаше да се намалува пандемијата ама тоа не се случува. Може да трае многу долго. Најмладата пациентка е на 40 годишна возраст, а имаме и човек кој е на 92 годишна возраст хоспитализиран во Охрид. Има нагорна линија на хоспитализации, а интерното одделение прегледува и над 100 луѓе дневно. Ова е големо оптоварување за нас. Не верувам дека на лето ќе отвори нешто во Охрид, пандемијата е далеку од завршена, смета директорот на охридската болница, доктор Балески.

Доктор Јованка Сурлакова Коровешовска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Охрид, вели дека губењерто на мирис и вкус, болки во грбот, се симптомите на полесната клиничка слика, а тие со потешка клиничка слика што имаат висока температура и кашлица одат со упат од матичен лекар на Инфективното одделение.

– Летоска повеќе доминираа дигестивните симптоми како пролив и повраќање, а сега доминираат горнореспираторни инфекции, затнат нос, губење мирис и вкус, се жалат на болки во грлото. Повраќање многу ретко го кажуваат како симптом. Имаат потешкотии со дишење, малаксаност. Во епидемиолошките прашалници најчесто кажуваат дека имале контакт со болен или на работа, или некој пријател, а 40 проценти не знаат како се заразиле. Имаме сега многу хоспитализирани со потешка клиничка слика. Лесните се лечат дома. Свеста е на високо ниво сега, остануваат барем 10 дена дома. Во последниве четири месеци нема собири, и на погребите многу малку луѓе одат. Луѓето се исплашени, и покрај толку пазење имаме голема бројка. Ниту свадби се прават, ниту крштевки, ниту родендени како порано. На почетокот не веруваа, ама сега има многу смртни случаи и тоа блиски луѓе и сите веруваат, ни рече доктор Сурлакова Коровешовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот