
„Вреди“ објави дека Дрин Ахмети вози „Ролс-Ројс“ од 400.000 долари, тој категорично негира
Коалицијата „Вреди“ денеска објави дека Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, поседува луксузна бела лимузина „Ролс-Ројс“, која според владејачката коалиција е со кичевски таблички и вреди околу 400.000 долари.
Препорачано
„Корупцијата и криминалот не прават разлика меѓу етничките припадности, така што и луксузниот живот нема граници засновани на етничка припадност. Ако Сашо Мијалков живее во странство и води живот во луксуз, тогаш сличен начин на живот се води и од страна на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети. Наместо Ферари, Дрин Ахмети избрал бел Ролс Ројс со регистарски таблички од Кичево, автомобил кој се проценува на вредност од околу 400.000 долари. Овој млад човек, кој е син на „моќниот чичко“ Али Ахмети, е наводно во центарот на истрага, при што обвинителството побарало помош од САД поради неговите сомнителни финансиски активности“, обвини владејачката коалиција на партии од политичкиот блок на македонските Албанци.
По објавата на соопштението, Дрин Ахмети реагираше со категорично негирање на наводите. Тој побара од „Вреди“ да обезбедат докази за нивните тврдења и испрати писмена реакција.
„Доколку тврдењата што ги изнесувате се точни, тогаш ве предизвикувам да доставите докази кои се апсолутно непобитни – било да се тоа фотографии, снимки од регистарските таблички, сведоштва на очевидци или некој друг вид на легитимна документација која ќе ја потврди вашата изјава. Ширењето на вакви невистини е штетно за мојот углед и за општеството во целина. Барам веднаш да ја повлечете вашата изјава и да се извинивте јавно. Ако тоа не се случи, ќе биде неопходно да преземам правни мерки“, напиша Дрин Ахмети
Ахмети го оцени однесувањето на коалицијата како неодговорно и ги повика да се фокусираат на конструктивен дијалог наместо да користат, како што тој наведе, „тактики за оцрнување“.
За белиот „Ролс-Ројс“ со кичевски таблички објави „Код“ на „Телма“ пред околу две години. Според информациите до кои тогаш дојдоа новинарите-истражувачи, луксузната лимузина била регистрирана на фирма чиј сопственик е брат на сватот на Али Ахмети. „Ролс-Ројсот Фантом“ потоа беше продаден во Тетово и доби тетовски таблички, а во Македонија стигнал преку Шутка. Речиси две години подоцна, возилото е дел од партиско соопштение, пишува „Телма“.