Вработени во јавното здравство добиле бонуси, Филипче бара да ги вратат

лекари
Лекари, Фото: Илустрација/Архива

Дел од јавните здравствени установи во земјава пред новогодишните празници поделиле награди и бонуси на вработените, по што добиле писмо од министерот за здравство Венко Филипче да ги вратат парите.

Како што неофицијално дознаваме, по 3.000 денари им биле исплатени на вработен во Здравствен дом Скопје, а суми од околу 12.000 денари биле префрлени и на вработени во некои од клиниките. Оваа традиција постои со години и е на некој начин замена за регресот за годишен одмор што не се исплаќа во јавната администрација. Исплатата на овие пари се врши со одлуки на управните одбори на здравствените установи.

– Пред три години беше донесена одлука на вработените по стаж поголем од 20 години да се исплатува јубилејна награда. Тоа не се прави наеднаш туку на 3-4 пати во текот на годината. Но сега поради наредбата од министерот, парите ќе треба да ги вратиме. Платите во јавното здравство не се големи и ова беше некој вид компензација, иако мал дел сепак значеше нешто. Мора јавното здравство да е пред банкрот кога им дошло до нашите 3.000 денари  – велат вработени во Здравствен дом Скопје.

Во наредбата што ја добиле здравствените установи се наведува дека согласно добиените информации дека дел од јавните здравствени установи исплатуваат парични награди на вработените врз основа на донесени Одлуки на Управен одбор.

„Ви укажуваме дека ваквото постапување е спротивно на одредбите на член 13-б и член 45 од Законот за здравствената заштита, член 55 од Колективниот договор за здравствена дејност во Република Македонија како и член 20 од Поединечен колективен договор дел за плата, други права по основ на плата и надоместоци на плата, особено ако се има предвид дека повеќето Јавни здравствени установи имаат неплатени долгови према други правни субјекти“, се вели во наредбата потпишана од министерот Венко Филипче.

Од Министерството укажуваат дека согласно член 104 став 7 од Законот за здравствената заштита, директорот, односно вршителот на должност директор е должен да постапува по наредби од министерот за здравство, со кои се наредува или забранува постапување во определена ситуација која има општо значење за извршување на законите и подзаконските прописи.

„Доколку Управниот одбор има донесено Одлука за исплата на парични награди на вработените по истите да не постапувате, а во услови на извршени исплати, паричните средства да се вратат во Буџетот на ЈЗУ“, бара министерот Филипче.

Коментар за наредбата како и прашање дали ќе има евентуални санкции за директорите и управните обори во здравствените установи, побаравме, но не добивме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот