Плоштад Гоце Делчев, Струмица / Фото: Архива

Вработен во фирма на баџанакот на Мицкоски гради згради

Бугарска фирма на извесен Влатко Јовановски се јавува како инвеститор во станбен блок во Струмица, а лице со исто име и презиме може да се лоцира како вработен во компанијата „Дано-Транс“ на Јорданчо Јанев, баџанак на премиерот Христијан Мицкоски.

На влезот во Струмица, во рамки на катастарската парцела 6531/23, каде е формирана градежна парцела 41.60, се гради станбен блок, каде како инвеститори се јавуваат повеќе правни и физички лица.

Меѓу коинвеститорите е и бугарска фирма во сопственост на извесен Влатко Јовановски, чие име и презиме одговара на вработен во струмичката компанија „Дано-Транс“, која е во сопственост на баџанакот на премиерот Христијан Мицкоски. Од компанијата не одговорија на нашите прашања дали Јовановски работи кај нив и дали се јавува како инвеститор на згради.

Проектот за станбено-деловен комплекс бил доставен до Општина Струмица во декември 2024 година, а како инвеститори се јавуваат две компании од Струмичко – „Интернешенел груп“ и „СРГ Енерџи солар“.

Сопственици на „Интернешенел груп“ се две фирми-мајки, регистрирани во соседна Бугарија – „Грал ЕООД“ и „Зунче ООД“.

Поврзаност на бугарските фирми со вработениот во „Дано-транс“ – Фотомонтажа: Златко Зец

Како „Грал ЕООД“ се поврзува со „Дано-транс“? Проверките во бугарскиот трговски регистар покажуваат дека како нејзин единствен сопственик и управител фигурира Влатко Јовановски, кој е заведен како бугарски државјанин.

На интернет, пак, може да се пронајде името Влатко Јовановски на линкдин-профил како вработен во „Дано-транс“, а на официјалната интернет-страница може да се види дека во контактите на „Дано-транс“ е и тој на Влатко. „Грал ЕООД“, која е врската со „Дано-транс“, е формирана во 2021 година со седиште во Благоевград и со капитал од 511 евра.

Линкдин профил на вработениот во „Дано транс“

Што се однесува до втората бугарска компанија-сопственик на „Интернешенел груп“ – „Зунче ООД“, таа е формирана во 2015 година, исто така со седиште во Благоевград и со капитал од 511 евра, а како нејзини сопственици се јавуваат Горан Крстев и неговиот татко Симеон Крстев.

Податоци за компанијата од Бугарија

За разлика од Јовановски, Крстеви, пред сè – Горан Крстев, е познат бизнисмен од Струмица, кој многу одамна беше уапсен заедно со поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев во случајот „Глобал“. Нивната поврзаност потоа продолжи со партнерство во многу фирми на Заеви.

Другите две компании се во сопственост и ги управуваат физички лица. Сопственик на „СРГ Енерџи солар“, која е основана во 2022 година, е Глигор Гошев.

Која е компанијата „Дано-транс“?

 

На официјална интернет-страница на компанијата „Дано-транс“, меѓу другото, пишува:

„Дано-транс е транспортно шпедитерска компанија со главно седиште во Струмица, егзистира од 1992 година. Се наоѓа во групата мали претпријатија, основана со приватен капитал. Во моментов има 11 максимално професионални вработени, оспособени и обучени да ги извршат и да ги задоволат и најсложените операции и барања на клиентите во доменот на шпедицијата и транспортот. Дано-транс има капацитет на своите клиенти да им ги реализира и најсложени транспортни решенија, првенствено по копнен пат, при што своевидна гаранција за квалитетот на услугите се и седумте камиони кои имаат капацитет од 120 кубни метри и 24 тони носивост, што компанијата ги има во своја сопственост. ФТЛ (full truck load) транспорт со камиони, со полн товар за домашни и странски добавувања и испорака на стока со модерна флота на возила од секаков тип и капацитет и можност за транспорт на секаков вид стока. Организираме секаков вид на ПОЛ товар и збирен транспорт на стока и делови на Европа“.

Според Централниот регистар, Друштвото за товарен патен транспорт „Дано-транс“ е основано во 2003 година, а негов единствен сопствен е Јорданчо Јанев, кој му е баџанак на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски (нивните сопруги се сестри). Во последните неколку години, оваа компанија има приходи од над 50 милиони денари и годишни добивки од 5 до 6 милиони денари.

Исто така, Јанев е (ко)сопственик и на „Шалом фуд“ и „Интерпласт груп“. Порано бил дел и од други компании, а во 2024 година, СДСМ на прес-конференција рече дека Јанев имал фирма и во Бугарија.

Каде и што ќе се гради?

 

Во Катастарот на недвижности, земјиштето од 10.676 квадратни метри (градежно неизградено земјиште) е заведено на катастарската парцела во сопственост на „Ранвеј инженеринг“ со еден имотен лист број 55.650. Со стотина имотни листови е запишана сопственоста на станбени и деловни единици, а како сопственици може да се сретнат трите веќе споменати компании-инвеститори.

Катастарска парцела каде се впишани зградите

Инаку, може да се пронајде јавна информација дека во август 2024 година, Општина Струмица одобрила урбанистички и идеен проект за градежно земјиште кое е поделено на парцели. Овој проект го изработил „Матески архитекти“ по нарачка на „Ранвеј инженеринг“.

Според овој проект, на оваа градежна парцела лоцирана на влезот во Струмица, се предвидени шест објекти, а како коинвеститори се јавуваат „Интернешенел груп“ (во сопственост на „Грал ЕООД“ и „Зунче ЕООД“) и „СРГ Енерџи солар“.

Објектите на парцелата

„Цел на урбанистичкиот проект за парцелирано градежно земјиште, е формирање на површини за градење и определување на параметри за градење на истите. Со урбанистичкиот проект не се врши промена на регулациските линии на планот утврдени со ДУП за Блок 41 – Струмица, ниту на останатите урбанистички параметри“ пишува, меѓу другото, во проектот.

Поврзаност со фирма за марихуана

 

Од имињата што се споменуваат како сопственици и управители на фирмите што инвестираат во градењето згради, едно име е поврзано со фирма за одгледување марихуана за медицински цели „ЦДБ Медплант“, која беше една од фирмите на која Министерството за здравство им ги одзеде лиценците во големата афера за заплена на марихуана.

Содружник во оваа компанија порано бил и Глигор Гошев, кој се појавува како соинвеститор на објектот во Струмица преку компанијата „СРГ Енерџи солар“. Тој е син на Добринка Кирилиева, која е актуелна косопственичка на компанијата, заедно со Коље Василев, Христијан Котев, Алекс Гомес. Алекс Гомес е од Швајцарија, исто како и фирмата содружник.

Нема одговор ниту од фирмата ниту од Општина Струмица

 

„Слободен печат“ испрати прашања на официјалните мејлови на друштвото „Дано-транс“ дали кај нив е вработен Влатко Јовановски и дали истото лице е сопственик на бугарската компанија „Грал ЕООД“ и дали таа се јавува како инвеститор на станбено-деловниот објект во Струмица преку друштвото „Интернешенел груп“ и на колку објекти се јавува како инвеститор.

Испративме прашања и до Општина Струмица за тоа колку одобренија за градење издала Општината за изградба на објекти во рамките на катастарска парцела 6531/23 и на соседната КП 6531/10, каде што е формирана градежна парцела 41.60, на кои субјекти-инвеститори им е издадено одобрение за градење во рамки на споменатата катастарска и градежна парцела и за каков/какви објекти и колку објекти се предвидува да се изградат во рамки на оваа парцела, односно дали е почната изградбата на некој од нив и кога треба да бидат завршени?

До објавувањето на текстот одговори не добивме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот