Фото: Profimedia

Вознемирувачка исповед на ќерката на Р. Кели: „Татко ми сексуално ме малтретираше, ми беше страв да ѝ кажам на мајка ми“

Музичарката Буку Аби (26), чие вистинско име е Џоан Кели, го обвини нејзиниот татко Р. Кели за сексуална злоупотреба во нејзиното детство. Некогашниот моќен музичар и продуцент, денес отслужува 20-годишна затворска казна за сексуална експлоатација на деца, рекетирање, поткуп и трговија со луѓе.

Буку Аби ги изнесе своите обвинувања против нејзиниот татко во документарниот филм од два дела „Кармата на Р. Кели: патувањето на ќерката“.

„Тој ми беше сè. Долго време не можев да верувам дека тоа воопшто се случи. Не ни знаев дека е можно да ми направи такво нешто, дури и како лоша личност. Бев премногу исплашена да му се доверам на некого. Се плашев да ѝ кажам на мајка ми“, раскажува таа низ солзи.

Во документарецот од два дела, заедно со Буку Аби, се појавуваат и сестра ѝ Јаа, брат ѝ Роберт Кели Џуниор и нивната мајка Андреа Дреа Кели.

Дреа Кели беше во брак со Р. Кели од 1996 до 2009 година, а во 2018 година во емисијата „The View“ изјави дека нејзиниот поранешен сопруг повеќе пати физички ја малтретирал.

Кога во 2019 година се соочи со обвиненија што ќе го одведат зад решетки, Аби рече дека нејзиниот татко е „чудовиште“. Р.Кели тврдеше дека нејзината мајка и го „испрала мозокот“ и ги држела неа и другите деца подалеку од него.

„Што се однесува до тврдењето дека некој ми го испрал мозокот, тоа се глупости. Тој многу добро знае зошто немаме врска каква што би требало да имаме со него. Не разбирам како можеш да кренеш рака врз мајка ми и да очекуваш нештата да бидат како порано“, изјави таа во документарниот филм.

Таа ѝ кажала сè на мајка си кога имала 10 години.

„Тоа што ми го направи мене – ми го направи. Но, тој не требаше да им го прави тоа на моите деца“, изјавила Дреа Кели.

Аби рече дека нејзиниот живот целосно се променил „за една милисекунда“.

„Се променив како личност, исчезна искрата и светлината што ги носев во себе. Откако ѝ кажав на мајка ми, не отидов повеќе кај него. Сè уште се борам со тоа до ден-денес“, објасни младата музичарка.

Новинарите од списанието „Пипл“ побараа коментар од претставниците на Кели за документарниот филм и за изнесените тврдења во него.

Адвокатот на Кели, Џенифер Бонжан, напиша: „Господин Кели е најистражената личност на планетата кога станува збор за наводите за сексуална злоупотреба на деца. Доколку овие тврдења беа вистинити, тие ќе беа меѓу неговите многубројни обвинувања“.

Во претходната изјава за документарниот филм, исто така за „Пипл“, адвокатката рече дека нејзиниот клиент категорично ги отфрла сите тврдења изнесени во него.

„Неговата поранешна сопруга ги изнесе истите тврдења години пред тоа. Тие беа под истрага од Одделот за деца и семејства во Илиноис и ништо не беше потврдено…И ‘филмаџиите’, кои и да беа тие, никогаш не го контактираа г-дин Кели и неговиот тим за да дозволат тој да ги негира овие штетни тврдења“, напиша таа.

Да потсетиме, Кели беше осуден на 20 години затвор во 2021 година. Судењата го разоткрија долгогодишното криминално однесување и, конечно, беше ставен крај на неговото успешно избегнување на одговорноста за сè што им направи на младите жени и децата.

Пресудата му даде дополнителен „импулс“ на движењето #MeToo и влијаеше врз жртвите на други моќни и влијателни луѓе од светот на шоубизот, охрабрувајќи ги да излезат со своите приказни и да бараат правда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот