Војната во Иран ја турна инфлацијата во еврозоната на 2,6 отсто – највисока од јули 2024 година
На годишно ниво, потрошувачките цени во март пораснале за 2,6 отсто, според конечната проценка објавена денеска од Евростат во Луксембург. Во февруари стапката на инфлација изнесуваше само 1,9 проценти, објави Евростат.
Препорачано
Растот на цените во март исто така беше посилен отколку што претходно се проценуваше.

Во својата првична проценка, Евростат пријави годишна стапка од 2,5 отсто. Ова значи дека целта за инфлација од 2 отсто поставена од Европската централна банка (ЕЦБ) е значително надмината, во пресрет на следната одлука на банката за каматните стапки на 30 април.
Инфлацијата во еврозоната во март беше поттикната од цените на енергијата, кои пораснаа за 5,1 отсто како резултат на војната во Иран. Во секторот услуги, инфлацијата благо се намали додека цените на храната и пијалаците пораснаа за 2,4 проценти. Базната стапка на инфлација, која ги исклучува особено променливите компоненти како енергијата и храната, благо се намали од 2,4 на 2,3 отсто.
Загриженоста поради инфлацијата неодамна доведе до зголемени очекувања на финансиските пазари дека ЕЦБ ќе ги зголеми клучните каматни стапки во текот на годината. Централната банка последниот пат ја остави клучната каматна стапка непроменета на 2 проценти.
Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард јасно стави до знаење дека ЕЦБ внимателно ја следи ситуацијата и ќе биде подготвена да делува доколку е потребно.
Економистите стравуваат дека шокот со цената на нафтата ќе има широко влијание врз економијата и дека инфлацијата ќе се прошири и на други стоки и услуги. Инфлацијата во Германија во март се искачи на 2,7 проценти, што е највисоко ниво од почетокот на 2024 година.

Каква е инфлацијата во Македонија?
Во Македонија, Државниот завод за статистика веќе објави податоци за март, а инфлацијата повторно го потврди трендот на постепен, но континуиран раст на трошоците за живот. Според официјалните податоци, индексот на трошоците на живот во однос на февруари е зголемен за 0,7%, додека на годишно ниво растот достигнува 4,9%.
Иако овие бројки на прв поглед не изгледаат драматично, нивното реално влијание врз секојдневниот живот на граѓаните е далеку поголемо. Експертите велат дека за живот на едно семејство без луксуз потребни се скоро две просечни плати. Објаснуваат дека тоа и не е така страшно ако двајцата сопружници ја земаат.
Пострашно е кај семејствата кои земаат минимални плати кои се под 26.000 денари месечно, кај пензионерите и кај конфекциските работници.
Околу 70.000 денари за преживување – инфлацијата тивко ги празни семејните буџети


