Украинска војска EPA-EFE/VASILIY ZHLOBSKY

Воено профитерство во Украина: За (не)регрутирање војници земале милиони евра

По воведувањето вонредна состојба и општа мобилизација поради руската инвазија, сите мажи на возраст меѓу 25 и 60 години се предмет на евентуален повик за служба. Во овој контекст, канцелариите за регрутирање веќе беа цел на обвинувања за малтретирање на граѓаните, злоупотреба на овластувањата, корупција и други неправилности. Украинскиот омбудсман, Дмитро Лубинец, изјави дека во 2025 година примил дури 6.127 жалби поврзани со можни злоупотреби од страна на службениците за регрутирање, пишуваат светските медиуми.

„Украинската национална полиција спроведе обемни претреси меѓу вработените во канцелариите за регрутирање низ целата земја, при што беше откриено нелегално збогатување во износ од 1,85 милиони евра, се вели во соопштението објавено вчера.

Овие претреси се дел од поширока кампања на засилени истраги што украинските институции ги спроведуваат оваа година, а се насочени кон корупција и неправилности во системот за регрутирање. Јавноста долго време ја критикуваше работата на тие канцеларии, па затоа властите се обидуваат да покажат решителност во сузбивањето на злоупотребите, пишува „Киев индепендент“.

Како дел од истрагата, полицијата спроведе дури 44 претреси во 16 украински региони, вклучувајќи ги сегашните и поранешните високи функционери во канцелариите за регрутација. Во последните неколку дена беа издадени повеќе од 150 прекршочни наредби поврзани со корупција.

„Според сомневањата на истражителите, осомничените ги користеле своите службени позиции за да стекнат нелегална финансиска корист. Вкупниот износ на непријавено богатство и неточни картички за имот достигнува речиси 92 милиони гривни (околу 1,85 милиони евра)“, се наведува во соопштението за медиумите.

Посебно се издвојува случајот на еден раководител на окружната канцеларија за регрутирање во Одеса, кој, според полицијата, нелегално стекнал имот вреден околу 945 илјади евра. Двајца други осомничени наводно се збогатиле за дополнителни 210 илјади евра и  140 илјади евра, додека работеле во системот за време на вонредната состојба.

За време на претресите, запленети се бројни автомобили, вклучувајќи возила „тесла“, мотоцикли, како и документација и готовина во домашна и странска валута. Истрагата е сè уште во тек, а надлежните органи продолжуваат да собираат докази со цел да поднесат официјални обвиненија против осомничените.

„Овие истраги се насочени не само кон откривање поединечни случаи на корупција, туку и кон систематско елиминирање на злоупотребите во секторот за регрутирање и социјална поддршка. Целта е да се врати довербата во институциите кои играат клучна улога за државата во воени услови“, велат од полицијата.

 

Извештаи покажуваат масовно дезертирање во украинската армија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот