Почнуваме да ги чувствуваме воените судири на Блискиот Исток: Расте цената на нафтата, паѓаат берзанските индекси…

Најголема сегашна закана се цените на енергенсите, кои значат повисоки трошоци за транспорт, производство и греење, што во крајна линија би довело до повисоки цени на сите производи. Ризик се и синџирите на снабдување

Новите воени судири и политички тензии во Блискиот Исток, особено вклучувајќи ги интервенциите на САД и на Израел врз Иран, предизвикаа бранови на нестабилност низ глобалните пазари. Овие случувања брзо се прелеваат насекаде во светот, па и во помалите економии како што е нашата. Првите сигнали веќе стигнаа – расте цената на нафтените деривати, поскапува златото, паѓа вредноста на акциите на меѓународните пазари, а со тоа и капиталот на нашите инвеститори во разни фондови и платформи, додека инвеститорите креваат рачна.

Вчера, уште во утринските часови поцрвене МБИ-индексот на Македонската берза. Во 11 часот тој покажа пад од 0,3 проценти.

Малопродажната цена на бензините се зголеми за 1 денар, достигнувајќи 74,5 за БС-95 и 76,5 за БС-98. Цената на дизелот остана непроменета, а на мазутот се зголеми за 1.022 денари.

За да нема драстични, туку постепени промени на цените, ако продолжи тенденцијата на берзите, од Регулаторната комисија за енергетика посочуваат дека ќе има, ако треба, и секојдневни корекции.

– РКЕ во континуитет ја следи состојбата во нафтениот сектор, при што во 2022 година воспостави механизам со кој се прават секојдневно пресметки и се утврдува дали се создадени услови за донесување Одлука за утврдување на највисоките малопродажни цени за одделни нафтени деривати. РКЕ носи (вонредни) одлуки секојпат кога пресметките покажуваат дека во крајната малопродажна цена ќе има зголемување или намалување од најмалку 2 денари за литар на бензините, на дизел-горивата и на екстра лесното гориво. Додека, пак, за мазутот одлуки се носат секојпат кога пресметките покажуваат дека во крајната малопродажна цена ќе има зголемување или намалување од најмалку 1 денар за литар – вели регулаторот.

Опасност од инфлација

На светските берзи, брент суровата нафта порасна за околу 10-13 % на почетокот на неделата и се искачи до над 82 долари за барел – ниво невидено во последните месеци како реакција на воздушните напади и на можноста за затворање на стратешки важниот Ормутски теснец, преку кој поминува околу 20 отсто од глобалниот нафтен промет, пренесува „Фајненшел тајмс“.

Ова зголемување веднаш создаде притисок и врз цените на горивата низ светот, но за жал ни идните прогнози не се розови. Се зголеми и цената на гасот. Европските фјучерси за природен гас, мерени на референтниот холандски пазар, по почетните нови тензии скокнаа за повеќе од 25 проценти во текот на еден ден на тргување.

Цените на гасот, пак, секогаш се поврзуваат со цената на електричната енергија, па реално е и нивно зголемување. Повисоките трошоци за енергенси значат повисоки трошоци за транспорт, производство и греење, што се пренасочува кон повисоки цени за крајните потрошувачи. Централните банки што се веќе под притисок да ја контролираат инфлацијата, сега се наоѓаат во уште потешка ситуација, бидејќи растот на цените на суровините може да ја усложни политиката на монетарно олеснување.

Основната каматна стапка што ја дефинира Народната банка сега е 4 проценти и таа доста се намали во однос на 2024 година кога изнесуваше 6,3 проценти. Основната каматна стапка претставува основа за пресметување, како на каматите на кредитите, така и на каматите на депозитите и е инструмент во функција на контрола на инфлацијата.
Последната седница на Извршниот одбор за монетарната политика, Народната банка ја одржа на 10 февруари и тогаш соопшти дека основната каматна стапка останува непроменета и е 4 проценти.

„Просечната стапка на инфлација за целата 2025 година изнесува 4,1%, под влијание на промените на цените кај базичната и кај прехранбената компонента. Остварувањата кај инфлацијата се близу до октомвриската проекција, но таа и понатаму е над историскиот просек, поради што нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму е во фокусот на монетарната политика. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во нагорна насока. Ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани со променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка“, соопшти Народната банка по тогашната седница.

Од Народната банка секогаш истакнуваат дека ги следат состојбите и креираат соодветен одговор, така што не се исклучуваат ни корекции на основната каматна стапка и други мерки.
Опасност за инфлаторни движења се и евентуалните проблеми во синџирите со снабдување, кои се јавуваат при вакви ескалации на меѓународната сцена.

Ќе забави ли инвестициската активност?

Новите случувања се црвен аларм и за инвеститорите, како за домашните, така и за странските. Инвеститорите стануваат попретпазливи во услови на ризик, што ја намалува побарувачката за нови капитални вложувања во регионот.

Експертите предупредуваат дека додека конфликтот околу Иран и неговите регионални последици сè уште се развиваат, светската економија може да се соочи со продолжена фаза на нестабилност.

Инвеститорите бараат засолниште за капитал, а тука на сцена настапува златото, кое вчераутро стигна до цена од 147 евра за грам. Од друга страна, глобалните берзи бележат падови. „Фајненшел тајмс“ јави дека индексите како европскиот „Stoxx 600“ се во минус, а фјучерсите на американските пазари сигнализираат продолжена нервоза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот