Водичи од Македонија добија меѓународни лиценци за да го унапредуваат планинскиот и авантуристичкиот туризам
Осум кандидати од Македонија и 10 од регионот успешно завршија обука и исполнија строги критериуми за да добијат лиценци, како нова генерација професионални водичи во планина, обучени согласно меѓународниот стандард УИМЛА.
Препорачано
Лиценците им беа доделени на настан во Јуроп хаус во Скопје, каде беше речено дека процесот на обука и лиценцирање претставува значаен чекор во насока на унапредување на квалитетот, безбедноста и професионалните стандарди во планинскиот и авантуристичкиот туризам.
„Овој сегмент е препознаен како стратешки важен за проширување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на дестинацијата“, рекоа организаторите од Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП).
Од таму посочуваат дека примената на меѓународно признатите стандарди директно се надоврзува со развојот на одржливиот туризам, исто така се унапредува човечкиот капитал, а помага да се создадат туристички производи со повисока додадена вредност.

„Професионалните водичи имаат клучна улога во генерирање доверба кај странските пазари, продолжување на туристичката сезона и насочување на туристичкиот промет кон рурални и планински подрачја, со што се поттикнува локалниот економски развој“, рекоа од МАИВП.
Според Асоцијацијата, регионалниот карактер на генерацијата дополнително ја позиционира земјата како центар на знаење и соработка во областа на професионалното планинско водење, придонесувајќи кон јакнење на прекуграничната туристичка понуда и економска поврзаност.
„Со ова, директно го промовираме авантуристичкиот туризам во Македонија и создаваме одржлив развој, со оглед на тоа дека Македонија има што да понуди на светскиот пазар на туризам со планините и природните богатства кои ги имаме. Токму затоа е и значајна професијата меѓународен планински водич (International Mountain Leader)“, велат од Асоцијацијата.



