Водич за зимница: Брзо закиселете го зеленчукот без конзерванси и нездрави додатоци
Домашни, солени кисели краставици штотуку извадени од фрижидер се најдоброто летно освежување. За киселење на зеленчукот потребни се пред сè добра волја, свеж зеленчук, добра течна база и правилно подготвени тегли.
Препорачано
Брзото киселење е решение за чување на свеж сезонски зеленчук од пазар или од градина. Зеленчукот се кисели во раствор од оцет, вода и сол (понекогаш и шеќер) и се чува во фрижидер. Имајте на ум дека брзо закиселениоте краставици не развиваат силен вкус како ферментираните кисели краставици, но потребни им се само неколку дена во саламура пред да можете да уживате во нив.
Зеленчукот мора да е свеж
Секој зеленчук може да се кисели, а обликот во кој ќе го направите е сосема ваш избор. На пример, морковот можете да го излупите и исечете на стапчиња или кругови. Чери доматите најдобро е да останат цели. Зелениот зеленчук, како боранија, шпароги и слично, можат да се бланшираат во врела вода 2-3 минути, а потоа да се префрлат во мраз ладна вода за да им се сочува бојата.
Подготовка на саламурата
За брзо киселење потребна е база направена од ист сооднос на оцет и вода, но во случај да ви се чини дека е премногу кисело, соодносот можете да го прилагодите на својот вкус. Значи основа на базата е оцет, а дали бел, вински, јаболков или оризов, изборот е ваш. Освен оцет, по една лажица шеќер и сол, голема улога играат и зачините.
Експериментирајте со вкусовите
Тајната на единствениот, ароматичен закиселен зеленчук е во зачините кои се додаваат во саламурата. Киселите краставици одлично се согласуваат со вкусот на лук, семки од копар и мелена сува пиперка. Морковот е егзотичен кога се кисели со коријандер, ѓумбир, куркума и мајчина душичка. Други класични комбинации се зелен грав со лук и свеж копар, чери домати со зрна црн пипер и лук, како и тиквички со лук и кромид.
Подготовка на теглите
Теглите, капаците и целиот прибор кој го користите мора да биде совршено чист. Теглите и капаците измијте ги со вода и детергент за садови, па исплакнете ги со врела вода. Најдобар начин за стерилизација на тегли е во рерна на 200 степени околу пет минути. По стерилизација теглите извадете ги од рерна со чиста крпа, а при полнење на теглите внимавајте да не им ги извалкате рабовите , бидејќи тоа го спречува квалитетното затворање на капаците и овозможува во теглите да се развијат мувли. Во вака подготвените тегли наредете го зеленчукот до ½ сантиметар под работ од теглата. Со готовата саламура, претходно зовриена, наполнете ги теглите и лесно удрете ги од работната површина за да излезе воздухот од нив, па по потреба дополнете ги со саламура. Ставете ги капаците на теглите и добро затворете ги. Нека се изладат на собна температура и чувајте ги теглите во фрижидер. По два дена можете да ги отворите и треба да ги изедете во рок од две недели.


