Изложбата е поставена во историскиот дел на Музејот на Македонија / Фотографија: Филип Кондовски

Водата како сведок, инспирација и сила е претставена на изложба во Музејот на Македонија

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите на 18 мај беше отворена изложбата „Вода: Од исконски верувања до современ пулс“ на авторот Јован Шурбаноски и коавторот Александра Папазовска во историскиот дел на Музејот на Македонија.

Проектот „Вода: Од исконски верувања до современ пулс“ е приказна која што низ призмата на археологијата, етнологијата и уметноста ни овозможува да ги следиме патиштата каде што водата се преобразува од биолошка неопходност во духовен медиум. Приказна за тоа како водата го оформува идентитетот на заедниците низ историјата, градејќи занаети кои ја скротуваат природата, усовршувајќи го движењето низ спортот и трансформирајќи ја моќта на водата во политичка доминација.

– Приказната дава можност да го препознаете сопствениот одраз во синиот отпечаток на вечноста – таму каде што секоја капка е сведок на една историја, а секој бран е најава за нов цивилизациски подем. Преку археологијата, етнологијата и уметноста ве водиме на патување низ времето и културите, каде што водата е повеќе од елемент – таа е сведок, инспирација и сила. Видете ја водата не само како течност, туку како огледало на сè што сме биле и на сè што ќе бидеме – истакнуваат од Музејот на Македонија.

Во предговорот на каталогот за изложбата авторите Јован Шурбаноски и Александра Папазовска посочуваат: „Низ вековите, човекот го градеше својот опстанок врз разумниот соживот со водата од древните рибарски вештини до мудрото наводнување на плодната земја. Денес, кога го чувствуваме силниот современ и урбан пулс на современиот свет, нашата одговорност кон овој ‘син супстрат’ добива нови димензии. Водата се појавува како огледало на нашите највисоки дострели, но и на нашите најдлабоки кризи. Таа е арената на човечката извонредност и технолошки напредок, но истовремено е и тивок сведок на политичките пресметки и стратешките доминации. Во модерен свет кој тежнее кон апсолутна контрола, таа хармонија често е нарушена од неразумната експлоатација и технократската ароганција. Она што некогаш беше духовен идол и извор на живот, денес се соочува со исцрпеност и загадување под притисокот на глобалните превирања. Каталогот за изложбата не е само хроника на минатото, туку и онтолошко преиспитување на нашата иднина.“

Националната установа Музеј на РС Македонија – Скопје ја реализира оваа изложба во соработка со НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија – Скопје и НУ Музеј д-р Никола Незлобински – Струга. Автор на изложбата е Јован Шурбаноски, а коавтор е Александра Папазовска. Изложбата ја отвори Александар Ристевски, директор на НУ Музеј на Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 333, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-25.5.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот