Во Железница недостигаат машиновозачи, бравари, кондуктери…

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Неопходно е итно вработување на 40 машиновозачи. Кадар има од средното стручно училиште „Владо Тасевски“. Потпис за нови вработувања треба да стави Министерството за финансии

Македонски железници се соочуваат со голем недостиг на кадар. Потребен е стручен персонал од сите професии – машиновозачи, бравари, механичари,  благајници, кондуктери… Компанијата алармирала и до Владата и очекува зелено светло за нови вработувања, затоа што во спротивно ќе се блокира железничкиот сообраќај, кој и онака нормално не се одвива.

Претседателот на синдикалната организација во Влеча на возови, Ѓоко Илиевски вели дека покрај новите вработувања, неопходно е да се реши статусот и на вработените на одредено време што имаат договор до крајот на годнава.

– Има 80 вработени од разни профили што работат на одредено време, а чии договори истекуваат на 31 декември. Тие се тука веќе 2 години, добро се обучени и бараме да ги примат на неопределено. Кога нивните договори не би се продолжиле би настанал тотален колапс. Неопходни ни се уште 40 машиновозачи и за нив бараме одобрување за нови вработувања. Такво барање упативме и до Владата и до Министерството за транспорт и до Министерството за финансии – изјави за „Слободен печат“, Илиевски.

Тој вели и дека во Железницата стручниот кадар е веќе со поодмината возраст,  а машиновозачите имаат бенефициран стаж, и во последно време имало многу пензионирања.

– Ние имаме средно стручно училиште во кое се учи за машиновозачи и за друг стручен кадар за железница, тоа е училиштето „Владо Тасевски“.  Имаме завршени ученици што чекаат да се вработат. Секако, треба да поминат и дополнителна обука – вели Илиевски.

Од Министерството за транспорт велат дека се запознаени со тоа дека во Железницата недостига стручен кадар, но дека одобрувањето на новите работни места е во рацете на Министерството за финансии. Оттаму пак, до затворање на весникот, не добивме одговор дали се планирани пари за нови вработувања во Железница.

Железницата со години има проблеми со финансиски средства. Преку Владата се добиваат дотации за патничкиот сообраќај, околу 12 милиони евра на годишно ниво, но честопати патниците сведочат за непријатните искуства кога со часови чекале воз, или кога со часови патувале 100-тина километри. Низ годините се „послаб“ станува и товарниот транспорт.

Вчера, во јавноста осамна веста дека некои вработени за да се направат заштеди во компанијата биле пратени на „доброволен“ одмор. Веста ја соопшти „Левица“, но Илиевски за „Слободен печат“ изјави дека „никој не е на принуден одмор, напротив Железница се соочува со недостиг на кадар од секаков вид“.

Од Левица тврдат дека до нив стигнала реакција од вработените.

„До Левица пристигна реакција од вработените во МЖ Транспорт дека директорот Мајан Вејсели додека „штеди” на грбот на работниците, истовремено се луксузира со своите пулени, вработени во ова претпријатие.

Директорот Вејсели си ги згрижил своите партиски луѓе во МЖ Транспорт со разни договори на дело, а кои воопшто и не одат на работа. Штетата што ја направил Вејсели на претпријатието е повеќе од еден милион денари месечно за овие вработување. Работниците се жалат дека откако на функција стапил Вејсели, повеќе не се исплаќаат надоместоци за починат член на семејството, прекувремени саати и други надоместоци“, соопшти партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот