Во Тетово се повеќе деца и трудници со дијабет
По две години пауза поради ковид мерките, Здружението на дијабетичари Тетово, денеска по повод 14 ноември Светскиот ден на борба против дијабетес, организираше мерење на шеќер во крвта во Домот на пензионери во Тетово. Според спроведените мерења, но и бројките кои ги следат, здружението оцени дека состојбата со дијабетот е алармантна. Да биде катастрофата уште поголема, се повеќе деца и трудници примаат инсулинска терапија.
Препорачано
„Со дијабетот е лоша состојбата, на инсулинска терапија се над 4000 граѓани од Тетово, а со детски дијабет има над 120 пациенти. Бројките рапидно растат, зачудувачки е што сега во последно време има и трудници и нашата општина е меѓу првите во Македонија каде има највеќе пациенти, кои се на инсулинска терапија, а се на се, има над 10 000 граѓани од нашиот град што имаат дијабет. Така со сигурност можам да кажам дека расте бројката секојдневно, а тие податоци ги добиваме и од инсулинската аптека, секој месец ни велат дека имаат нови пациенти кои примаат инсулинска терапија, изјави Душко Игневски од Здружението на дијабетичари Тетово.
Освен генетиката, стресниот живот, нездрава храна како и се помалку физичка активност се главните причини за зголемувањето на бројката на пациенти со дијабет, велат здравствените работници.
Од Здружението на дијабетичари велат дека недисциплината, е и главната причина за зголемување на бројот на пациенти заболени од дијабет, кои започнале само да се лечат со таблети, но сега веќе преминале на инсулинска терапија.


