Во Стар Аеродром и Мичурин ќе се вози еднонасочно, другата лента ќе служи за паркирање
Од Општината објаснуваат дека ова е најбрзото решение што може да им се понуди на граѓаните, но и дека оваа мерка е дел од програмските ветувања за уреден сообраќај и повеќе уредени паркинг-зони во густо населените делови.
Општина Аеродром подготвува идејно решение за еднонасочен сообраќај во делови од населбите Стар Аеродром и Мичурин, при што едната лента ќе биде обележана за паркирање, а другата за движење на возила со ограничување на брзината.
Препорачано
На овој начин, локалната власт ќе се обиде да обезбеди повеќе паркинг-места што се неопходно потребни за граѓаните од оваа општина, практика што веќе се спроведува на делови од територијата на општина Центар.
Општина Аеродром спроведува анализа на уличната мрежа за воведување поефикасни сообраќајни решенија. Во таа насока, подготвуваме идејно решение за еднонасочен сообраќај во делови од населбите Стар Аеродром и Мичурин, со една обележана лента за паркирање, како и друга за движење со ограничување од 30 км/ч. Оваа стратегија носи три клучни придобивки: повеќе паркинг-места, можност за воведување нови велосипедски патеки на делови од сообраќајниците каде што ширината тоа го дозволува и побезбеден сообраќај со намалена брзина – велат од Аеродром за „Слободен печат“.
Оттаму објаснуваат дека ова е најбрзото решение што може да им се понуди на граѓаните, но и дека оваа мерка е дел од програмските ветувања за уреден сообраќај и повеќе уредени паркинг-зони во густо населените делови.
Како што неофицијално дознаваме, во Општината се истражувала можноста за воведување еднонасочен сообраќај на потегот од кулите „Џевахир“ па сѐ до Железничката станица, проект на кој службите забрзано работеле поради секојдневниот притисок на граѓаните кои бараат „место повеќе“ за паркирање.
Во оваа општина подолго време се планира и воведување зонско во Ново Лисиче и во Реонски центар, за што на просторот веќе се поставени и информативни табли.
Што се однесува до зонското паркирање, тоа сѐ уште не е воведено во Ново Лисиче и во Реонски центар, но очекуваме наскоро да биде имплементирано од ЈП „Градски паркинг“ – велат од Аеродром.
Проблемот со паркирање, освен во оваа општина, го чувствуваат сите жители на Скопје кои немаат сопствени гаражи и кои секојдневно вртат низ своите населби во потрага по слободно паркинг-место. Поради тоа низ градските населби тротоарите наместо за движење на пешаци најчесто се окупирани од паркирани автомобили, затоа што јавниот простор стана претесен за да ги задоволи потребите на возачите во главниот град.
Тешко до паркинг-место во Ново Лисиче и Реонски центар, од Општината молчат зошто уште нема зонско
Надлежните со години наназад не успеваат да најдат решение за овие растечки потреби на семејствата во Скопје, особено во услови на интензивна изградба на згради на речиси истата инфраструктура каде порано имало само куќи, а особено во услови кога секое семејство поседува најмалку еден, а многу често и два и три автомобили.
Во многу делови на градот проблемот донекаде се ублажува, но секако не се решава, со воведување зонско паркирање. Со овој вид регулирање на паркирањето не се добиваат повеќе паркинг-места, но на некој начин се намалува бројот на граѓани кои не се жители на реонот опфатен со зонското и кои поради тоа мора да плаќаат од час доколку го остават возилото на тој простор.
Изградба на монтажни и катни гаражи речиси редовно ветуваат градоначалниците на сите локални избори, но исто така редовно овие проекти се „забораваат“ во текот на нивниот мандат.
Во општина Центар каде што недостигот на паркиралишта е најголем, во повеќето улици низ населбите е воведено паркирање само за резиденти или на улиците е воспоставен еднонасочен сообраќај со што се овозможува едната коловозна лента да се користи за паркирање.
И карпошани не можеа да го избегнат зонското паркирање, кое веќе две години е воведено во Карпош 1 и Карпош 2 каде што владееше вистинска „битка“ меѓу соседите кои прв ќе начека слободно место, па дури и се правеа обиди со канти и со тули да се чуваат места за паркирање.
Паркирањето е високо на листата на актуелни проблеми за кои досега не се најде решение во сите скопски општини.


