Во служба на нејзиното Височество

Марин Гавриловски, Фото Архива

Во петокот наутро во замокот Виндзор, неколку месеци пред својот стоти роденден, почина принцот Филип, војводата од Единбург, сопругот на кралицата Елизабета втора. Оваа вест прво и беше соопштена на кралицата и на премиерот, потоа, традиционално, беше истакната на оградата од Бекингемската палата во Лондон, по што премиерот и се обрати на јавноста. Со тоа почна периодот на жалост и подготовките за погребот. Од светската сцена замина човекот кој секогаш одеше еден чекор поназад, но секогаш беше покрај својата сопруга и кралица, давајќи и поддршка и совети во целокупниот период на нејзиното досегашно владеење, но и функционирање на нивното семејство.

Принцот ќе биде погребан во сабота, на седумнаесетти април во кралската гробница во капелата „Св. Ѓорѓи“ која се наоѓа во склоп на ѕидините на замокот Виндзор. Се разбира, како и во текот на неговиот живот така и сега, кралската гробница во капелата „Св. Ѓорѓи“ ќе биде само привремно место каде што ќе почиваат неговите земни останки. По смртта на кралицата, тие ќе бидат преместени онаму кадешто таа ќе одреди да бидат погребани заедно.

Духовит принц

Оваа современа бајка почна на десетти јуни 1921 година кога на грчкиот остров Крф, принцот Ендрју од Данска и Грција и Принцезата Алис од Батенберг го добија својот прв син. Иако роден на тлото на Грција и еден дел од својот живот го помина како грчки принц, Филип во себе немаше ниту капка грчка крв. Неговите предци беа претставници на данското, британското и  руското кралско семејство. Набргу по неговото раѓање монархијата е срушена и семејството оди во егзил. Односите помеѓу неговите родители не се добри, па тие се разделуваат. Неговиот татко живее со својата љубовница и не сака да го чува својот син, а мајка му, која имала психички проблеми, е задржана на лекување во санаториум во Швајцарија. Малиот Филип оди да живее во Обединетото Кралство, кај својот вујко Лордот Маунтбатен, вицекралот на Бурма, кој ќе одигра многу значајна улога во неговото воспитување, а според некои наводи ќе биде и главниот „стројник“ при запознавањето на Филип со принцезата Елизабета, неговата трета братучетка (нивна заедничка чукун-баба била кралицата Викторија). При нивната прва средба таа имала само 13, а тој 18 години.  Елизабета се вљубува на прв поглед во младиот строен принц. Ќе поминат уште неколку години додека британското кралско семејство се согласи да го прифати младиот Филип. Тој се откажува од своите грчки титули и државјанство и го презема британското, менувајќи си го името во Филип Маунтбатен (англиска верзија на презимето на семејството на неговата мајка). Непосредно пред венчавката со Елизабета, во 1947 година, Филип ќе ги добие титулите војвода од Единбург, ерл од Марионет и барон Гринич (по една титула од секој дел на Обединетото кралство: Шкотска, Велс и Англија), од страна на неговиот дедо – таткото на Елизабета, кралот Џорџ шести, а принц на Велика Британија ќе стане дури пет години подоцна.

Со завршетокот на Втората светска војна, во која тој зема учество како офицер во Бртинската кралска морнарица, и повоените години, завршува и тешкиот дел од животот на Филип. Во февруари 1952 година умира Џорџ шести и на тронот седнува дваесет и пет годишната Елизабета. Во текот на церемонијата на крунисувањето, Филип клекнува пред својата сопруга и кралица и се заколнува дека до крајот на животот ќе биде „нејзин слуга и потпора“. И така би. Целиот свој живот тој го посвети служејќи ѝ на нејзиното Височество, и беше потпора и слуга за време на нејзиното повеќедецениско владеење, но исто така беше и сопруг и татко обидувајќи се секогаш да најде решение за проблемите со кои се соочуваше британското кралско семејство.

Филип ќе биде запаметен и како духовит шегобиец кој знаел многу често да дава кометари без многу пред тоа да ги обмислува. Во една прилика, облечен во свечената униформа на кралската гарда тој застанал на местото каде вообичаено стоеле гардистите непосредно пред од таму да помине кралицата. Таа неговото присуство го забележала дури откако скоро го одминала, што предизвикало смеа кај присутните.

Заштита на околината

Но, неговото вистинско наследство ќе биде борбата за заштита на човековата околина и загрозените животински видови, како и грижата за младите поколенија. Како долгогодишен претседател на Светскиот фонд за природа – WWF, успеа од оваа организација да направи светски лидер во зачувувањето на природата, загрозените животински видови, климатските промени, како и заштитата на водата за пиење, океаните и шумите. Она пак по што ќе биде најмногу запаметен е наградата која го носи неговото име (The Duke of Edinburgh Award). Целта на оваа програма за наградување на младите луѓе, која војводата ја основа на лична иницијатива во 1956 година, е преку повеќе активности, како што се усовршување на разни вештини, помош во општеството преку општествено полезна работа и слично, кај младите луѓе да се создаде чувство на самодоверба и наградување за делата кои ги сториле надвор од училиштето. Со тоа, од една страна, тие се стекнуваат со нови знаења и вештини кои ќе им помогнат во понатамошниот живот, а за тоа добиваат признание, што од друга страна ќе го изгради нивното чувство на самодоверба и успешност. Оваа програма во текот на своето егзистирање се практикува во повеќе од 140 земји во светот.

На крајот, повторно да се вратиме на подготовките за погребот, кој поради пандемијата со ковид 19 ќе отстапи од вообичаената пракса кога станува збор за смрт на високо позициониран член на кралското семејство. Па така, дури и премиерот Џонсон, поради ограничувањето на вакви манифестации да учествуваат најмногу триесет лица, изјави дека своето место кое според протоколот му припаѓа, ќе го отстапи на член на семејството на починатиот, кој поради рестрикциите, инаку нема да може да биде поканет на овој настан. Уште едно столче што ќе треба да биде пополнето од друг член на кралското семејство е столчето на Меган Маркл, сопругата на принцот Хари. И додека принцот Хари побрза и допатува во Лондон уште во вторникот, лекарите „ја советувале“ Меган, која е во блажена состојба, да го избегне долгото патување со авион, па таа остана во Калифорнија да ја следи церемонијата која во живо ќе се емитува на малите екрани, како и сите обични граѓани.

Монархијата ја користи секоја прилика да прати порака. Ова е всушност одговорот на Фирмата (прекар кој во британската јавност се користи за кралското семејство) на интервјуто дадено на Опра Винфри. И како што напишав во мојот текст посветен на тоа интервју, доколку некој праша во сабота: каде е Меган? Ќе го добие одговорот: Која Меган?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот