Во Шведска вечерва може да биде испишана една од најубавите фудбалски бајки
Фудбалската бајка на шведскиот Мјалби е пред комплетирање, тимот од малото рибарско село Халевик вечерва може да испише златни страници во историјата на шведскиот фудбал. Со победа на гостувањето кај Гетеборг, клубот и математички ќе ја обезбеди титулата во првенството.
Препорачано
Она што ја прави оваа приказна навистина неверојатна е фактот дека Мјалби доаѓа од место со само 813 жители. Халевик е тивко рибарско село на брегот на Балтичкото Море, но неговиот фудбалски клуб е пред подвиг кој ќе одекне далеку надвор од границите на Шведска.
Дури и ако не победат вечерва, Мјалби има уште четири шанси да ја осигура титулата, потребни им се само два бода во преостанатите натпревари.
Клубот веќе е запишан во Гинисовата книга на рекорди како најмалото населено место кое има екипа во највисокото фудбалско натпреварување во една земја, а евентуалната титула ќе биде уште еден доказ з неверојатниот успех на овој тим.
Стадионот на Мјалби е изграден во 1953 година и собира 6.750 гледачи што е речиси десет пати повеќе од бројот на жители во Халевик. И покрај скромниот годишен буџет од 7,7 милиони евра, осмина од она што го троши Малме, Мјалби успеа да се издигне над големите и да им покаже на сите што значи тимски дух, упорност и страст кон играта.
Преземено од: Спорт.ком.мк


